-2.2 C
Skopje
Sunday, February 5, 2023

Тркалезната маса на ЕБОР и ЕУ: Конкурентноста е инвестиција за иднината, не постои подобар начин да се поттикне развојот

Најчитани вести

Не двоумете се да инвестирате во вашата конкурентност. Тоа можеби не е ваш приоритет во однос на приоритетните задачи меѓутоа сепак кога станува збор за модернизација времето не е на наша страна. Само оние што се брзи успеваат. Тоа е реалноста, им порача претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во државава, Анди Аранитаси на малите и средните претпријатија.

Тој на Тркалезната маса за Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија (МСП) во Северна Македонија, што денеска се одржува во Скопје во организација на ЕБОР и Делегацијата на Европската Унија, посочи дека оваа програма првпат се воведува во земјава за небанкарски инструменти и ги повика МСП да ги искористат можностите што им се нудат.

-Не постои подобар начин за да се поттикне развојот на една земја, рече Аранитаси.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи посочи дека конкурентноста е една од најлошо разбраните области во нашата земја.

-Кога и да зборуваме за ова разговорите се однесуваат на трошоците на секоја компанија. Не толку компании имаат разбрано дека конкурентноста всушност е инвестиција за иднината, рече Битиќи.

Нагласи дека пристапот до финансиите претставува многу важен елемент во развојот на МСП.

Токму, како што кажа, МСП претставуваат 99 проценти од сите бизниси во Европската Унија и вработуваат околу 100 милиони лица и остваруваат повеќе од половина од БДП на Европа. Тоа, додаде, исто важи и кај нас.

Раководителот на проекти во Делегација на Европска Унија, Мари-Маделеине Канелопуло истакна дека МСП се сржта и основата на економиите.

-Пристапот до финансии останува еден од клучните пречки за развојот на бизнисите и заради тоа во изминатите години ги здруживме силите со ЕБОР за дадеме поддршка преку оваа програма, рече Канелопуло.

Нагласи дека во последниот период МСП се под огромно влијание на пандемијата и на војната во Украина поради што се зголемија цените на енергијата и во комбинација со другите проблеми во синџирот на набавки се предизвикаа други проблеми за претпријатијата.

-Државата треба да развие широк спектар на добро координирани политики со цел да се засили интернационализацијата на компаниите, продуктивноста и конкурентноста. Тоа треба да вклучува унапредување на извозот, политички акции, подобрување на капацитетите за исполнување на стандардите за квалитет кои се бараат во различните индустрии, како и забрзана дигитализација, посочи Канелопуло и додаде дека бизнисите и државата во сето ова може да сметат на поддршката од ЕУ.

На настанот беа промовирани резултатите и научените лекции од Програмата за конкурентност на МСП за земјава, која е ко-финансирана од Европската Унија и со која се поддржани над 200 мали бизниси.

Ова е најголемата програма со финансиски институции спроведена од ЕБОР во рамките на која за земјава обезбеди 51 милион евра што е втор по износ, но прв според глава на жител во Западен Балкан. Првично беа планирани 30 милиони евра од националните ИПА фондови на ЕУ, но поради високиот интерес на локалните МСП беа доделени дополнителни 16 милиони евра со поддршка од регионалните ИПА фондови. Дополнително ЕБОР склучи договор за последните 5 милиони евра со кои се обезбеди потребната техничка поддршка и грант поддршката од сопствените фондови.

Под оваа програма, ЕБОР обезбеди кредит за локалните комерцијални банки кои понатаму овозможија кредитирање на локалните мали бизниси. Покрај кредитите, МСП имаа корист од грант поддршка финансирана од Европската Унија, во износ до 15 отсто од износот на кредитот и бесплатна техничка помош.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести