Home » Три суштински договори за Западен Балкан потпишани на самитот на Берлински процес

Три суштински договори за Западен Балкан потпишани на самитот на Берлински процес

by Журнал.мк

Три суштински регионални договори се потпишани вчера во Берлин во рамки на Самитот на Берлинскиот процес, што ќе ја продлабочат соработката меѓу државите од Западен Балкан. Договорите, потпишани од шефовите на влади на земјите од Западен Балкан, имаат за цел регионална интеграција и слободно движење на граѓаните од регионот. Самитот на Берлинскиот процес што годинава се одржа во Берлин првпат по осум години, е со цел да се интензивира соработката и регионалната поврзаност меѓу шесте земји од регионот.

Премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Србија Ана Брнабиќ, на Албанија Еди Рама, на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, на Косово Албин Курти и на Црна Гора Дритан Абазовиќ, потпишаа три договори – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.

Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.

Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.

Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии (акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи) во наредниот период.

По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската Влада на 21 октомври како дел од Берлинскиот процес.

– Самитот за Берлински процес е историски затоа што доаѓа во време на продолжена криза и од него ќе произлезат конкретни чекори што ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери, со што уште повеќе се зголемува неговата важност, истакна премиерот Ковачевски на сесијата за регионална соработка и заеднички регионални пазари во рамки на Самитот.

Ковачевски на првата сесија посочи дека се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години, истакнувајќи дека сето ова е постигнато поради силната поддршка од германската Влада, како домаќин на Самитот на Берлинскиот процес, Европската комисија и интензивната комуникација на експертите и администрациите од земјите од Западен Балкан.

– Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори, рече Ковачевски на сесијата.

Според Ковачевски, на земјите од Западен Балкан им претстои сериозна работа, затоа што е дојдено време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.

Ковачевски смета дека е потребна и силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување на амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците што ги наметна економската и енергетската криза. Оваа криза, според Ковачевски, ни ја предочи и важноста од домашното производство на електрична енергија и потребата да се има резервен план во иднина кој ќе помогне полесно да се надминат слични вакви ситуации, но и да се заштити животната средина.

-Фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија, истакна Ковачевски на сесијата за енергетска стабилност и транформација.

На сесијата на која учествуваа лидерите од Западен Балкан е потенцирано дека енергетската безбедност на Западен Балкан е подеднакво важна како и енергетската безбедност на ЕУ и дека Унијата ќе биде заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, на почетокот на Самитот напиша на Твитер дека е добро да се видат сите партнери од Западен Балкан во Берлин, една седмица по нејзината посета на регионот.

– Нашиот пакет од една милијарда евра помош за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме заедно нашата заедничка енергетска иднина, напиша Фон дер Лајен во објавата на Твитер.

Таа по потпишувањето на договорите меѓу лидерите на Западен Балкан, оцени дека ова е исчекор кон интеграција во заедничкиот регионален пазар, бидејќи на луѓето им се дава можност да ги прошират искуствата и да го даваат најдоброто на регионот.

Според германскиот канцелар Олаф Шолц, сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и заедничка работа на Европската Унија и регионот е ветената европска иднина да се претвори во реалност.

На отворањето на самитот во рамки на Берлинскиот процес, Шолц рече дека состанокот е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан и изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон ЕУ.

Според германскиот канцелар, „во моментот на брутална војна на Русија против Украина, време е да се надминат внатрешните конфликти“.

На самитот беше нагласена и желбата за продолжување на Берлинскиот процес со цел да се искористи целосниот потенцијал за подобрување и инклузивната регионална соработка.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познањ во 2019 година и Софија во 2020 година.

Целта на Берлинскиот процес е зајакнување и унапредување на соработка помеѓу шесте земји од Западниот Балкан со поддршка на Европската Комисија, во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и слободно движење на луѓе и стоки, со цел да се придонесе за забрзан регионален економски раст и развој на регионот и негова интеграција во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, како основа на одржливиот развој на регионот.

Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се организираат серија состаноци на претставници на политиката, бизнисот и граѓанското општество.

Оваа година на 20 октомври се одржа состанок на министрите за внатрешни работи, а на 21 октомври и на шефовите на дипломатите. На двата состанока, кои исто така се одржаа во Берлин, покрај претставниците на шесте земји од регионот и на Европската комисија и меѓународни организации, присуствуваа и министри од Австрија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска и Чешка.

Следниот самит во рамки на Берлинскиот процес треба да се одржи следната година во Албанија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More