10.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Три и пол години затвор за Јанакиески во „Топлик“

Најчитани вести

Три години и шест месеци затвор му изрече денеска Основниот кривичен суд Скопје на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во случајот „Топлик“, кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште.

Покрај Јанакиески, осудителни пресуди добија и другите петмина обвинети кои биле дел од Комисијата за јавни наддавања во Министерството за транспорт врски. Еден од петтемина обвинети, Томе Ѓурчиловски, кој бил претседател на Комисијата, исто така, доби затворска казна во траење од 3 години затвор. Другите четворица (Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска), пак, добија условни казни затвор од две години кои нема да се извршат ако во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети во случајот се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а настанатата штета на буџетот е 64 206 839 денари.

Пресудата за случајот е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

Процесот го водеше судечки совет на чело со судијата Осман Шабани, каде што како втор судија беше Огнен Ставрев. Застапник на обвинението, пак, е обвинителот Бурим Рустеми.

Што тврдеше обвинителството, а што одбраната во судскиот процес
Истрагата и обвинението за случајот ги подигна поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа премина во надлежност на редовното обвинителство. Според обвинителството, Јанакиески од првичната комисија за јавни наддавања добил записник дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање, но тоа го игнорирал, па составил нова комисија од сега обвинетите и побарал сепак да ја објават постапката за наддавање. Членовите на новоформираната комисија, тврди обвинителството, иако знаеле дека не се целосно обезбедени податоците за градежното земјиште ја реализирале постапката односно она што не било во ред со постапката е што дел катастарски парцели не одговарале со тоа што е предмет на договорот за купопродажба. Потоа бил потпишан и договор со трговско друштво кое го купило земјиштето, но тој договор, според обвинителството, не можел да се реализира поради проблеми со катастарските парцели. Од тие причини договорот за купопродажба на земјиштето бил раскинат, а Министерството морало да ги врати парите и отплатило затезна камата.

На крајот од судскиот процес обвинителството кажа дека смета оти ја докажало вината и во своите заврши зборови обвинителот Бурим Рустеми побара затворски казни за сите обвинети.

Јанакиески, пак, во целиот судски процес пред првостепениот суд тврдеше дека работел законски и не влијаел во работата на Комисијата за јавно наддавање во врска со постапката за продажба на земјиштето. За тоа што не биле целосно обезбедени податоците, ексминистерот тврдеше дека записникот на првата комисија бил направен неколку дена пред датумот кој бил запишан во документот и дека во тој момент ги немало потребните податоци кои потоа биле комплетирани. За промената на Комисијата, пак, зборуваше дека претседателката била на боледување, а другите членови самите барале да се повлечат поради што службите во Министерството изготвиле решение за нова комисија. Поранешниот министер тврдеше и дека не е точно оти договорот не бил спроведен бидејќи за земјиштето има и имотен лист на име на купувачот.

„Ако не бил спроведен, тогаш ќе се поднесувале тужби и барања за упис на договорот, а немало да се поднесуваат тужби и барања за укинување на тој упис од катастар. Се до моментот на судската спогодба во имотен лист фигурира инвеститорот“,

зборуваше Јанакиески кога даваше одбрана на 29 октомври минатата година.

За раскинување на договорот со инвеститорот со што била платена и камата по постигната спогодба со правобранителството, тој тврдеше дека Владата не би се согласила на раскин доколку Уставниот суд не го укинел Деталниот урбанистички план за тој дел од Сопиште. Тој во својата одбрана ги бранеше и другите сообвинети – членови на Комисијата за јавно наддавање бидејќи како што вели, таа комисија ценела да ги има, но не можела да проверува дали документите прибрани за спроведување на постапката за наддавање и продажба на земјиштето се „чисти“ и точни со оглед и дека тие не се создадени во Министерството за транспорт и врски туку се од другите институции.

Тој и во неговите заврши зборови остана на ставот дека нема никаква вина и обвинението го нарече апсурдно.

„Апсурд е тврдењето дека во 2007 година сме се организирале да направивме дело знаејќи дека ќе настанат штети во 2013 година. Замислете, уште во 2007 сме знаеле дека правобранителството ќе постигне спогодба и ќе бидат исплатени средства во име на законска затезна камата што обвинителството го смета за штета. Да ја имав таа моќ, уште во 2007 година да предвидам сè што ми се случува сега, ќе си поднесев оставка уште тогаш и никогаш немаше да се занимавам со политика“,

кажа Јанакиески во завршните зборови на 16 февруари годинава.

Петта пресуда за Јанакиески
Денешната пресуда е петта по ред која ја изрекува Основниот кривичен суд Скопје во случај во кој обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески. Од претходните четири, во две тој доби условна, а во две затворска казна. Пред судот, пак, во тек сè уште четири судски процеси

Три од случаите се во предмети кои ги отвори некогашното СЈО. Едниот е за предметот „Насилство во Центар“, пресуда која веќе е правосилна, и во неа ексминистерот беше осуден на условна затворска казна. Покрај него условни казни уште пет други лица, а поранешниот премиер беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор.

Другата условна казна, тој ја доби неодамна во предметот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП. На 10 март годинава, на стартот на судскиот процес, Јанакиески и уште две обвинети признаа вина и добија условни казни од по две години затвор кои нема да се извршат доколку во наредните пет години не сторат ново кривично дело. Во случајот тие се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластување. Четвртиот обвинет, пратеникот Игор Јанушев, кој во тој период бил член на Комисијата за јавни набавки, не призна вина и за него судскиот процес продолжи.

Поранешниот министер призна вина и во „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и 2014 и локалните во 2013 година. Но, таму Јанакиески доби затворска казна од 4 години и 6 месеци, која сè уште не е правосилна бидејќи неговата одбрана најверојатно ќе поднесе и жалба за висината на казната до Апелацискиот суд кој ќе треба да донесе одлука.

Покрај Јанакиески, вина во „Титаник“ признаа и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, бившата заменик-министерка за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, Мартин Протуѓер и уште четири лица. Јанкулоска доби неправосилна пресуда од 2 години и 6 месеци затвор, Бришковска-Бошковски и Протуѓер, пак, беа осудени со условна казна. Од останатите четворица, двајца добија затворски од 1 односно 3 години, а другите двајца условни.

Втората затворска казна, пак, поранешниот министер ја има во случајот познат во јавноста како „организаторите на 27 април“ што го отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од „крвавиот четврток“ во Собранието пред пет години. Таму тој неправосилно е осуден на 6 години и 3 месеци затвор. Пресудата од Кривичен беше донесена на 26 јули лани, но за жалбите кои беа поднесени, сè уште се чека изјаснување од Апелација. Покрај Јанакиески, со иста затворска казна од првостепениот суд осудени се и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и ексминистерот Спиро Ристовски, додека бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, доби 6 години затвор.

Против Јанакиески во тек се и судски процеси во случаите ТНТ, „Талир“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com