14.8 C
Skopje
Tuesday, September 21, 2021

Трета доза вакцина за лица со хронични болести во Србија

Најчитани вести

Препораката за трета доза се однесува за лица со состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот, првенствено луѓе што имале трансплантација на органи, оние што се на хемодијализа и лица со малигни заболувања

Српскиот кризен штаб за сузбивање на коронавирусот одлучи на граѓаните со одредени болести да им препорача да примат трета доза од вакцината против ковид-19, јави МИА од Белград. На седницата не биле усвоени нови мерки за контрола на коронавирусот.

Министерката за труд Дарија Кисиќ Тепавчевиќ изјави дека препораката за трета доза се однесува за лица со состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот.

– Тоа се првенствено луѓе што имале трансплантација на органи, оние што се на хемодијализа, лица со малигни заболувања – изјави Кисиќ-Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа додаде дека првата доза на вакцината досега ја примиле 49,7 отсто од полнолетните граѓани, односно над 2,6 милиони луѓе, додека 2,5 милиони ги примиле двете дози, што „не е доволно за да се спречи ширењето на болеста“.

– Апелирам до сите граѓани што не го сториле тоа да се вакцинираат, а тоа се првенствено младите – изјави министерката. Таа додаде дека се вакцинирани едвај една петтина од граѓаните помлади од 30 години.

На прашањето дали се размислува за воведување задолжителна вакцинација, барем за одредени групи, Кисиќ-Тепавчевиќ кажа дека секоја санкција ќе биде „безвредна“ во споредба со самата болест.

– Сигурно нема полоша казна од фактот да се разболиме – кажа таа и повтори дека сите истражувања покажале дека вакцините се многу ефикасни и безбедни.

Кисиќ-Тепавчевиќ додаде дека може да се избегне нов есенски бран од пандемијата ако се вакцинираат најголемиот број луѓе што досега не го сториле тоа.

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека третата доза од нејзината вакцина за ковид-19 може за дури 100 пати да ја зголеми заштитата од сојот делта, кој забрзано се шири низ светот.

– Третата доза значително ги подобрува податоците за неутрализирање на варијантата делта. Очекуваниот потенцијал е зголемување до 100 пати во неутрализација на варијантата делта по приемот на третата доза – се наведува во студијата.

Покрај тоа, „Фајзер“ забележува дека по инјектирање на третата доза на вакцината кај луѓе на возраст од 18 до 55 години бројот на антитела се зголемува повеќе од 5 пати, а кај луѓе на возраст од 65 до 85 години дури 11 пати.

Шефицата на американските Центри за контрола и превенција на болести Рошел Валенски минатата недела соопшти дека од сојот делта сега се 83 отсто од новите зарази со ковид-19 во светот, што е за 50 отсто повеќе од почетокот на јули.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com