Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – Раст. Здружението постои уште од 2007 година и ги застапува правата на сите деца во Република Северна Македонија кои имаат нарушувања на растот, кои примаат хронична хормонска терапија за раст, како и останати ендокринолошки заболувања.
Претставниците на здружението за време на нивната посета ја информираа министерката за нивната работа. Тие истакнаа дека се едно од најактивните здруженија на територијата на целата држава и дека нивната основна девиза е навремено делување во сите сфери кои ги засегаат децата за кои се залагаат.
Тие посочија и на нивната агенда за оваа година и ја најавија нивната кампања за подигнување на свеста за растот која треба да ги опфати сите детски градинки во државава.
Министерката за време на средбата ја изрази својата заинтересираност за соработка и посочи дека за вклучување во нивната иницијатива и поддржување на унапредувањето на квалитетот на живот на лицата со попреченост, Министерството за труд и социјална политика секогаш стои на располагање.