Home » Треба да се бдее врз мирот пред варварството на војната

Треба да се бдее врз мирот пред варварството на војната

by Журнал.мк

Мојата генерација беше уверена дека Аушвиц мора да остане последното варварство што се случи среде европската култура. Ние сите долго верувавме дека со културата, со ритуалите на културалното паметење може долготрајно да се изгради и одржи мирот во Европа. Иако Теодор В. Адорно за таа цел уште во шеесеттите постави нов морален императив, кога напиша дека „да се пишува поезија по Аушвиц е варварски”. Поезијата, имено, често е симбол за леснотијата на животот. За да разбереме што точно мисли Адорно, треба да се потсетиме на една друга негова изјава, според која, големината на страдањето во Аушвиц не дозволува заборав. За таа цел, вели тој, треба „да се секуларизира“, да стане световна максима, Паскаловата теолошка изјава – „оn ne doit plus dormir“. Што значи, „не смее повеќе да се спие“! По Аушвиц не смее веќе мирно и длабоко да се спие. Треба да се бдее над мирот, треба да се остане буден! За да се спречи да се повтори Аушвиц – најголемото варварство среде јудео-христијанската култура. Така, полека војната беше станала незамислива за сите родени по Втората светска војна. Ние сите верувавме дека сме воспитани во пацифистичкиот западно-европски дух, кој беше гаранцијата против војните на европско тло.

Фуријата на национализмот

Сепак, токму Југославија се распадна во крвави и долги војни. Наспроти сета социјалистичка космополитска идеологија, земјата, која за комунистичкиот Исток важеше како Запад, а за Западот како „социјализам со човечки лик“, го заврши својот кус живот во стравотно варварство. Никој во државата на „братството и единството” на Јужните Словени не ќе можеше да верува дека тие народи, кои дури и во химната го славеа своето заедничко словенско потекло, би можеле да завршат во братоубиствена војна.

Како завојувани страни, Србите и Хрватите, почнаа да ја истакнуваат разликата меѓу нив – едните беа католици, а другите православни христијани. Денес сознавме сите дека постјугословенските војни веројатно можеа да се избегнат, да не постоеше стремежот на Милошевиќ уште во средината на осумдесеттите, да го зајакне реставрастивниот дух кај Србите. Тој дух не сакаше да прифати, по распадот на Југославија, сите Србите да не живеат во една заедничка држава. Секако, Југославија не беше голема како Советскиот Сојуз, а Србија, како и Кралството Југославија, никогаш немаше толкава империјална моќ, како царска Русија. Сепак, однесувањето на Србија на Милошевиќ во рамките на остатокот од Југославија имаше јасни реваншистички, хегемонијални стремежи. Во таа смисла, обидот на Милошевиќ да ја врати со војна моќта на Србија, која таа, според него, ја изгубила во федерацијата Југославија, може со право да се нарече империјален дух, па бил тој од помал калибар од оној на денешна Путинова Русија. Постјугсловенските војни беа цивилизациска цезура, но и повторен пад во варварство токму на тој дел од Европа, кој, претходно, половина век градеше мирољубива политика. Впрочем, Титова Југославија изгради дури и своја агенда за мирот во Третиот свет- движењето на „Неврзаните”.

Сепак, сето тоа се урна како кула од карти пред фуријата на национализмот. Идеологијата на „братство и единство” очигледно не беше доволно силен „лепак” за да ги обедини во трајно заедништво југословенските народи. Наспроти сета „југоносталгија” на многу македонски интелектуалци и уметници, мора да се прифати горчливото сознание дека југословенските граѓани, соочени со војната, немаа наратив кој за сите ќе беше посилен од оној на стремежот за сопствена национална држава. Тој стремеж беше посилен од некогашната идеологија на „братство и единство”, затоа што никој од југословенските народи не сакаше да живее во една нова Југославија која, всушност, би била „Голема Србија”. Се разбира, слично на теориите на Путин за тоа дека Западот преку Украина ја загрозува Русија, и Србија на Милошевиќ тврдеше дека Западот и Ватикан учествувале во уривањето на Титова Југославија. Симболот за „братството и единството”, но и за кусата братска љубов меѓу Србите и Хрватите во Југославија, имено, српско-хрватскиот јазик, се распрсна како меур од сапуница. Сите партизански филмови кои ги научивме напамет во социјализмот, не помогнаа да се спречи варварството. Можно е токму таа глорификација на војната да го одржуваше сето време „во живот” не само паметењето на НОБ, туку и призракот на милитаризмот.

Војната останува варварство

Денес, додека христијаните се подготвуваат за Велигден, Европа пак западна во варварство. Иако Путинова Русија повеќе не се идентификува со Европа, како Петар Велики, чиј западноевропски дух во културата никогаш не беше инспирација за Путин. Затоа, пак, неговиот империјален дух Путин го префрли малку повеќе кон Исток, кон Азија, правејќи го евроазиски. Сепак, и во оваа војна во Европа, како во сите војни во дваесеттиот век, завојуваните страни припаѓаат на истата европска, јудео-христијанска цивилизација и култура. Христијаните секоја година го славеа Божиќ, додека во Германија систематски се убиваа европските Евреи. Затоа што, според нацистичката теорија за расната чистота и за супериорноста на ариевската раса врз сите останати народи, Евреите, дури и кога беа одамна асимилирани Германци, но и католици или протестанти по крштевање, не смееја повеќе да бидат Германци, затоа што нивното потекло било семитско. Затоа ги убиваа во концентрационите логори и ги гореа нивните мртви тела во крематориумите. Тоа е скандалот на војната која кулминираше во Аушвиц, кој затоа требаше да стане совеста на човештвото, совеста на модерна мировна Европа – без војни, без национализми. Паметењето на Аушвиц требаше да нѐ преобрази, да нѐ направи мирољубиви, да нѐ цивилизира.

Напротив, очигледно и христијанската заповед за љубовта станува безначајна кај христијаните кога се работи за љубовта кон почвата и крвта, кон историските територии, кон сопствената славна историја и кон сопствениот народ. Тоа го потврдува и војната во Украина. Во филмот „Андреј Рубљов” на Андреј Тарковски (1966), има една сцена на братоубиствена војна за превласт на двајца браќа, руски кнезови, во 15-от век. Едниот, со помош на Татарите, ја уништува престолнината на брата си, прочуениот град Владимир. Безмилосно ги убиваат сите кои побарале заштита во црквата, пустошејќи го и храмот. Татарите потсмешливо набљудуваат како христијанскиот кнез, од желба за моќ, ги убива своите христијански браќа и ја пали црквата. Додека ужасениот Рубљов стои среде црквата преполна со убиени, му се јавува во видение неговиот починат учител, прочуениот иконописец, Теофан Грек. На прашањето на Рубљов, како може христијани, браќа, да се убиваат едни со други, учителот одговара дека така било и во негово време, во Новгород. До кога ќе биде така, го прашува очајниот Рубљов. Засекогаш, одговара Теофан Грек. Тарковски со тоа го прикажува многу силно „вечното враќање на војните” кај словенските народи, иако тие се често и ревносни православни христијани.

Кусо пред да почине 2004-та, рускиот филолог, богослов и поет, Сергеј Аверинцев, во едно интервју пророчки предупреди: „Никој не ни ветил дека тоталитаризмот нема да се врати, а ако тој, сепак, се врати, сигурно ќе дојде во сосема различни форми, под други пароли. Човечкиот материјал кој му е неопходен се луѓето кои се подготвени да прифатат и да повторуваат во хор готови зборови. Какви ќе бидат тие зборови не е толку важно…” Хибридната војна со митови и теории на заговор, кои Кремљ интензивно ги ширеше во последните години, беа тие зборови и пароли кои го подготвија „човечкиот материјал”, кој му треба на тоталитаризмот во Русија не само да владее со државата, туку и да води војна таму, каде што ќе посака. И покрај сета пропагандна наркоза на просечните граѓани во Русија и надвор од неа, војната во Украина не може да се оправда. Таа останува варварство. Не смее да се заспива длабоко пред тоа сознание. Треба да се бдее врз мирот!

Кица Колбе

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk