12.8 C
Skopje
Monday, June 14, 2021

Трајанов му испрати предлози на Џафери за подобро функционирање на Собранието

Најчитани вести

Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов денеска достави иницијатива до претседателот на Собранието, Талат Џафери со предлози како да функционира Собранието во време на третиот бран од пандемијата.

Според Трајанов, во услови на третиот бран на пандемијата, како и појавата на нови соеви на коронавирусот со многу поизразени симптоми и потешки форми на зараза, поради инфицирани пратеници нема кворум за одржување на седници на Собранието, a поради блокадата со поднесување на голем број на амандмани, работата на Парламентот станува сѐ посложена и потешка, при што пратениците и натаму се изложени на огромен ризик од инфекција. Инаку, досега над 30 пратеници биле заразени од ковид-19.

Предлозите на Трајанов се следни:

„Да се зголемат здравствените заштитни мерки во Собранието, посебно во салата за пленарни седници и просториите каде се одржуваат седници на комисиите. Во оваа насока предлагам преку Собранискиот канал да се информираат пратениците кога започнува седницата, кога има пауза, до кога трае и кога продолжува со работа. Понатаму, во салата да бидат присутни пред сѐ пратениците кои се јавиле за збор или имаат реплики, а другите текот на седниците да го следат од своите канцеларии.

Да се донесе одлука без да се менува Деловникот за работа на Собранието, со која ќе се обезбеди/овозможи онлајн работа. Одлуката да биде од времен карактер до создавање на услови за нормална работа на Собранието.

Да се измени Деловникот за работа на Собранието со што амандманската расправа ќе се ограничи најмногу до 10 дена, освен за прашања сврзани со националните и стратешките интереси на РСМ.

Да се обезбедат безбедни здравствени услови за работа на ресторанот (за пратениците од внатрешноста), да се обезбеди сопствен возен парк и сл. сѐ со цел Собранието да може непречено да ја остварува својата уставна функција“, пишува Трајанов.

Тој уште предлага да се формира работна група составена од претставници од сите парламентарни групи и независни пратеници, која ќе направи анализа на функционирањето на Собранието и ќе предложи решенија. Неговото објаснување е дека иницира подобрување на условите за работа и функционалност на Собранието, при што претседателот да го почитува Деловникот за работа на Собранието на РСМ, да не се впушта во долги и непотребни елаборации и да има ист однос кон сите пратеници.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести