9 C
Skopje
Tuesday, April 20, 2021

Толку сме константни, што не сме подложни на развој!

Најчитани вести

Венко Андоновски

Драги мои, чистејќи го компјутерот, пронајдов моја необјавена колумна од 1996 година. Сами проценете дали од тогаш до денес поминал четврт век, или не поминала ни една секунда. Ако ви се чини дека сѐ е исто, помирете се со тоа дека сте изгубиле 25 години бадијала. И мој совет: не чепкајте по свои стари текстови, како и по стари љубови. Еве го тој текст во целина:

Неодамна одржав предавање пред група интелектуалци на тема Искреност, култура и морал. Во него истакнав дека ние овде, во Македонија, целосно первертирано ги сфаќаме поимите на моралот, културното однесување и искреноста. Тие наши целосно погрешни сфаќања нѐ водат во изградба на едно бесперспективно, болно, патолошки настроено општество.
Должен сум најпрвин да ги објаснам поимите „култура“, „искреност“ и „морал“, во онаа смисла во која најчесто ги употребуваме во секојдневната општествена семиотика. Најпрвин, поимот на културата, кој јас овде веднаш ќе го редуцирам на поимот културно однесување. Под културно однесување во нашето општество се подразбира такво однесување што подразбира елиминација на искреноста. Културен е оној што ќе ја жртвува својата искреност, па наспроти убеденоста дека лигните што му се послужени во чинијата заслужуваат итна депортација до најблискиот контејнер, сепак најљубезно ќе ѝ се насмевне на домаќинката, ќе ѝ каже „Прекрасни се“ и ќе го проголта зготвеното без да дише, за да не му се слоши. Таа техника на јадење, со затворање на дишното капаче, лично ја усовршив во ЈНА. Ние сме престорени во хипокрити што ја жртвуваат својата искреност, само за да стекнат титула на „културен“ општествен човек.

Всушност, цената на општествената кариера е елиминација на искреноста, жртвување на сопствената личност, на сопственото мислење, сопствените ставови. Општеството ги сака ласкавците и хипокритите, затоа што смета дека културно е што тие не го говорат она што навистина го мислат.
Сите сме имале и имаме речиси секојдневно искуство со таа целосно первертирана перцепција на поимите на искреноста и културноста. Лично, со непријатност се сеќавам на едно такво искуство: во мојот факултетски кабинет дојде еден постар професор (во пензија), за кого никогаш не сум имал некое особено високо мислење. Дојде со еден свој ракопис (учебник), да ме замоли да го прочитам и да му напишам препорака за печатење. Се разбира, културното однесување налагаше да кажам дека ракописот „со задоволство ќе го прочитам“. Според тоа, јас почнав, само за да не бидам оквалификуван како некултурен, да се изневерувам себеси уште од самиот почеток на моето искуство со професорот. Не знам кој во мене го изговори она „со задоволство“, кога јас воопшто и не се радував кога ќе го сретнам професорот. Но работата со самоизневерувањето не заврши тука: откако го прочитав ракописот, со разочарување констатирав дека тој не задоволува елементарни стандарди за да биде – учебник. Тоа мое мислење никако не се согласуваше со рејтингот на тој професор во универзитетските кругови. Очигледно, овој пат целосно имаше потфрлено. Но не знаев како да го соопштам тоа: сметав дека ќе бидам некултурен доколку за човек што би можел да ми биде татко изразам негативно рецензентско мислење.

Па, уште ми бил и професор. И, најнакрај, според начинот на којшто ме замоли за рецензијата и според супериорниот гест со кој го фрли ракописот на моето биро – тој ни на сон не очекуваше негативно мислење. Беше убеден дека учебникот ќе ми се допадне, а ако не, тогаш јас, под притисок на нашето традиционално сфаќање на културното однесување (почитта кон постариот да се меша со негово професионално вреднување) – нема да се осмелам да бидам искрен.
Седум дена се измачував да напишам рецензија со која истовремено ќе бидам и културен и искрен. Се разбира, тоа ме одведе во стравотни маки, пречкртување на цели зборови и синтагми од текстот, еуфемизми, ублажувања на мислите и на милијарда други интелектуално-гимнастички самотортури. Само што ќе напишев дека учебникот е добар, ми доаѓаше идеја да допишам дека СЕПАК може да биде и подобар. Но веднаш во мојата глава се јавуваше општествениот (само)цензор на културата и ми сигнализираше дека тоа ќе го навреди професорот. Конечно, срочив еден текст што според менталната структура одговараше на она што во логиката се вика контрадикција ин адјекто: железно дрво. Тоа беше пораката на текстот, зашто тврдеше дека лош учебник е одлично напишан. Конечно, по седум дена измачување, го искинав тој текст и сфатив: човек или ќе биде искрен, или ќе биде „културен“. Овде поимот „културен“ го користам со знаци на навод, затоа што вистинскиот поим на културно однесување секаде во светот подразбира токму она што кај нас се брише и цензурира: искреноста!

Епизодата заврши вака: напишав текст во кој го изложив своето искрено мислење. Скандалот пукна: од професорот, по кулоарите, бев прогласен за некултурен и невоспитан човек. И покрај горчината од тоа јавно кудење, чувствував некое чудно задоволство: како да сум зачувал нешто многу важно за мене, а невидливо за околината.
Според тоа, ние целосно обратно ги сфаќаме поимите на искреноста и културата. Наместо поимот на културното однесување да го подразбира поимот на искреноста, кај нас тој го елиминира. Затоа и немаме професионална етика и воопшто немаме изградено вредносни судови за професиите, занаетите и браншите. Лицемерно си ласкаме, играјќи ролји на културни луѓе, наместо искрено и во очи да си кажеме што мислиме за професионалните достигнувања.
„Морално е она што се откажува од сопственото мислење“, гласи поразителната дијагноза на патологијата на нашето општество. Напротив, пак, неморално е да се каже дека нешто не вреди пат пари, особено ако доаѓа од високопочитуван човек. Таа самоизмама ќе нѐ чини целосна ерозија на вредносните системи во општеството. А кога ерозијата ќе почне да дејствува, таа произведува целосна амнезија: кај старите пари (монети) од чии лица времето ги избришало вредностите не можете да знаете дали тоа некогаш била монета од 5, 10 или 100 парични единици. Сето тоа сега е куп безвреден метал, затоа што секоја монета вреди онолку колку и другите.

Тоа е крајниот исход на општествата во кои не се води сметка, преку процесот на образованието, да се направи јасна дефиниција на поимите на културата и искреноста, и да им се објасни на поединците дека едното не го исклучува другото по автоматизам. Крајниот исход, за жал, е: инкубатор во кој ќе се изведуваат целосно исти единки, без индивидуален белег и сопствен стил.
За таков инкубатор не гласам и никогаш нема да гласам. А ако другите гласаат, ќе го напуштам. Макар се соочил и со она што обично ги чека бројлерите кога ќе го напуштат инкубаторот: опасностите што демнат од конкуренцијата во слободниот свет. Впрочем, тоа е вистинскиот живот: ризик, хазард, борба и – победа или пораз. Вториов, во секој случај ќе биде – чесен и морален.

Ете тоа сум напишал пред 25 години. Дваесет и пет години стојам во место како колумнист. Барам некој што чесно ќе викне: „Царот е гол!“, а се сменија дузина цареви. Дрдорам едно исто, а општеството граби напред кон светла иднина… Толку сум константен, што не сум подложен на развој. Како ли ме трпи оваа земја?!

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести