Mitsubishi одлучи да ја продаде својата фабрика во централна Јапонија за околу 34 милиони долари. Станува збор за фабрика во која се произведуваше Mitsubishi Pajero, а затворена во 2020 година. Тоа е првата фабрика од 2001 година што се затвора во Јапонија.
Познат е и новиот сопственик на фабриката. Како што дознава Nikkei Asia, станува збор за Daio Paper, производител на хартиени марамчиња и тоалетна хартија. Фабриката ќе премине во рацете на новиот сопственик до крајот на месецот, а се уште не се знае дали и кога ќе започне производството.
Да потсетиме, фабриката во своите најдобри години произведуваше до 170.000 возила, додека во 2019 година произведе само 63.000 возила. Истовремено, падна и производството на Mitsubishi, кое минатата година ја заврши со произведени околу 400.000 возила, што е намалување за околу 30% во однос на периодот пред пандемијата.
Mitsubishi со продажбата на фабриката се обидува да ги намали фиксните трошоци, но и да обезбеди средства за отпремнини за околу 650 непроизводствени работници. Кога станува збор за работниците во фабриката, третина се преместени на позиции во компанијата, третина нашле друга работа, а останатите работници се пензионирале предвреме или ќе бидат вработени кај нов сопственик.