Американскиот тинејџер Кајл Гирсдорф, наречен Буга, освои рекордни 3 милиони долари (2.697.731 евро) победувајќи на светското првенство во компјутерската игра Фортнајт викендов во САД.
Тоа е најголемата награда во историјата на електронските спортови, а 30 милиони долари се поделени меѓу победниците, објави Би-би-си.
Шеснаесетгодишниот Гирсдорф, од Пенсилванија, победи на соло-натпреварот на турнирот што се одржа на стадионот Артур Еш во Њујорк, местото каде што се одржува Ју Ес опен.
„Ова е лудо“, рече младиот играч по финалето, во кое постигна речиси двојно повеќе бодови од својот најблизок конкурент (59 спрема 33).
Фортнајт, најпопуларната видеоигра во светот, го прослави својот втор роденден со Светското првенство со најголем награден фонд во историјата на е-спортовите, 30 милиони долари.

Се проценува дека оваа игра ја играат околу 250 милиони луѓе.
Се игра на интернет и почнува така што 100 луѓе се наоѓаат на напуштен остров, мора да најдат оружје и да ги елиминираат другите играчи.
Значи, секој игра против секого.
Во квалификациите учествуваа повеќе милиони луѓе, а на крај останаа стотина, претежно малолетни гејмери.
Во финалето на Фортнајт 100 играчи се бореа на огромни компјутерски екрани.
Четириесет милиони играчи се обидоа да се квалификуваат во 10-неделното онлајн-натпреварување.

Беа претставени повеќе од 30 земји, а 70 играчи беа од САД, 14 од Франција и 11 од Велика Британија.
Британскиот тинејџер Џејден Ешман освои речиси милион фунти за второто место во натпреварот во двојки.
Вчера освен Буга, уште тројца играчи, сите Американци, станаа милионери, Псалм со 1,8 милиони долари, Епиквејл со 1,2 милиони и Крео со 1,05 милиони.
13-годишниот Аргентинец Тиаго Лап, наречен Кинг, предизвика сензација освојувајќи 900.000 долари, и заврши петти.
Рекордната награда освоена на овој натпревар најверојатно ќе биде надмината на друг таков настан, Интернешнел, кој се одржува веќе во август.