11.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Тест Toyota Yaris Cross 1.5 Hybrid AWD-i: Нешто сосема ново

Најчитани вести

Yaris Cross е најновиот модел во гамата на Toyota за Европа со кој јапонскиот производител има за цел повторно да нурне во B SUV сегментот, притоа користејќи ја се поголемата популарност на овој тип на автомобили на Стариот континент. Речиси и да не постои производител кој во својата понуда нема барем неколку „урбани SUV модели“, а јапонската марка само ја засилува својата кросоверска понуда. За Toyota ова не е првпат да понуди ваков модел, со оглед на тоа дека уште во 2007 година го претстави Urban Cruiser. Сепак, со „кросоверизацијата“ на Yaris, оди чекор понатаму, надградувајќи се на сопственото искуство и знаење и учејќи од грешките на конкуренцијата. Со комбинација на рецептот на класичниот Yaris кој забележа исклучителни успеси, со кросовер изведба, успехот е неизбежен, а резултатот на сето тоа е Yaris Cross.

Тест Toyota Yaris Cross

Yaris Cross е на самата граница меѓу B и C SUV сегментот, а без дилеми овој мал кросовер ги има неопходните состојки за успех на пазарот. Транзицијата од мал класичен градски автомобил кон нешто што претставува врска меѓу урбаното и „слободното“ се чини како доста успешен потег на Јапонците кои на европските купувачи им понудија привлечен производ за кој ќе платат и ќе добијат повеќе отколку за стандардниот мал хечбек. За љубителите на кросовер стилот, Toyota сигурно направи полн погодок.

Препознатлив, а сепак уникатен

Со својот изглед, Yaris Cross дефинитивно ги плени погледите на минувачите. Со својот стил, Yaris Cross може да се карактеризира помалку како голем Yaris туку како минијатурен RAV4, зависно од тоа како ги гледате работите. Сепак, мора да се земе предвид дека Yaris Cross е потполно индивидуален модел во понудата на јапонскиот производител. Иако различен, моделот неодоливо потсетува на класичниот Yaris, а сепак мускулестите и робусни елементи не може, а да нè не натераат да помислиме дека станува збор за некоја нова верзија на RAV4.

Тест Toyota Yaris Cross

Во однос на нешто поголемиот C-HR, дизајнот е нешто посмирен и поелегантен, а сепак доволно мускулест, пред сè благодарение на пластичните заштити на каросеријата кои дополнително го засилуваат впечатокот дека станува збор за кросовер изведба. На предната страна се наоѓаат вертикално поставените LED дневни светла, а над нив се традиционалните фарови кои кај моделот кој го имавме на тестирање пристигнуваат со врвната Matrix LED технологија. Задниот дел е нешто сосема ново, а најголемо внимание привлекуваат тенките задни светла и нагласениот заден спојлер.

Со своите 4,18 метри должина е подолг во однос на стандардниот Yaris, поточно за цели 18 сантиметри, а повисок е и за впечатливи 6 сантиметри. Бројките се само бројки, но и самата форма на каросеријата е потполно поинаква. Yaris Cross добива „коцкаста“ форма пред сè благодарение на робусниот преден браник, но и исправениот покрив и рамните C столбови, што прави моделот да изгледа впечатливо и интересно.

Тест Toyota Yaris Cross

Чекор понатаму

Кога станува збор за ентериерот, на прв поглед се чини дека е копија на Yaris според дизајнот, материјалите, па дури и по пространоста, што е и логично, бидејќи Yaris Cross е конструиран на истата TNGA платформа, со што меѓуоскиното растојание од 2.560 милиметри е исто така потполно исто. Но, сличностите завршуваат тука, само на првиот поглед. При седнувањето во кабината, веднаш стануваат воочливи разликите. Предните седишта се удобни, нешто поголеми и поисправени. Конкретниот модел кој го имавме на располагање имаше кожни седишта со греење, а пред нас се најде мултифункционалниот управувач кој исто така има функција на греење.

Трудот на Toyota да отиде чекор подалеку во однос на обичниот Yaris е впечатлив и кога ќе се погледне кон инструменталната табла. Така, наместо двата округли екрани, сега на средината се наоѓа голема мултифункционална инструмент табла како кај RAV4 или новата Corolla, додека арматурата на инструмент таблата и високата поставка на инфозабавниот екран во таблет стил се практично уникатни за овој модел. Yaris Cross e исто така и првата Toyota која има навистина модерен и атрактивен мултимедијален систем со одлична графика и едноставни, но практични решенија, на кои можат да позавидат и некои Lexus модели.

Врвна завршна обработка и практичност

Тест Toyota Yaris Cross

Зависно од пакетот на опрема, инфозабавниот екран може да биде од 8 или 9 инчи. Севкупно, Toyota и овојпат не потфрли со својата прецизност при вклопувањето и завршната обработка, а квалитетот е очекувано на високо ниво. Пред возачот се наоѓа и head-up екран, но во вистинска смисла на зборот, бидејќи сликата се рефлектира директно на предното стакло во видното поле на возачот. Севкупно, функционалноста на кабината е одлична, а во највисокото ниво на опременост имавме и бежичен полнач за телефон, како и лесно поврзување со Apple CarPlay и Android Auto.

Toyota направи успешен маневар и со задната клупа, обезбедувајќи поголем простор за колената и главата на патниците во задниот дел од автомобилот. Профилот на задните седишта не може да се спореди со предните кога станува збор за дизајнот, но затоа тука е нешто што е вистинска реткост во B SUV сегментот, а тоа е потпирач за рацете на задната клупа. Покрај комфорот, со ова се добива и практичност, бидејќи задниот наслон се поклопува во три сегменти во сооднос 40:20:40, благодарение на што багажникот добива дополнителна функционалност.

Кога веќе зборуваме за багажниот простор, треба да се истакне дека Yaris Cross има далеку поголем багажен капацитет во однос на обичниот Yaris. Таков е случајот и кај хибридниот модел, кој поради батеријата има нешто помал капацитет (320 литри) во однос на стандардниот Yaris Cross (400 литри). Ако се погледне подот на багажникот, останува впечаток дека имало простор за нешто подобри резултати, но во секој случај и овие 320 литри се сосема доволни. Со преклопување на наслонот на задната клупа се добиваат солидни 1.097 литри.

Ново ниво на дигитализација

На полето на хибридизацијата и дигитализацијата, Toyota одамна е на високо ниво, а на тоа место со себе го носи и Yaris Cross. Она што заслужува посебна пофалба е Toyota Safety Sense пакетот на безбедносни асистенции кој содржи голем број елементи во себе, почнувајќи од активниот темпомат и автоматско сопирање, па сè до одржувањето на коловозната лента кое работи на тој начин што го со минимален напор го враќа автомобилот во сообраќајната лента ако возачот не сигнализира дека сака истата да ја промени.

Најавата на Toyota дека ќе лансира нов компактен кросовер во Европа и покрај тоа што го има C-HR во понудата, делуваше чудно, но сепак одлуката на TNGA-B платформата на Yaris да се направи SUV модел се покажа како доста добра. Самата платформа која е искористена од старт ветуваше многу, бидејќи Yaris ја има една од најдобрите платформи во B сегментот. Со додавањето на практично целосно нова Cross каросерија, се роди целосно нов модел, чии возачки карактеристики не изненадија. Како што веќе напоменавме, нашата редакција на тест ја имаше хибридната верзија со погон на четири тркала.

Тест Toyota Yaris Cross

Платформа како скроена за Yaris Cross

Toyota останува доследна на својот самополнечки хибрид кој како концепт го развива повеќе од деценија и половина. Моторот со внатрешно согорување е 1,5-литарскиот тирцилиндерски бензинец со моќност од 92 КС и 120 Nm во распон од 3.600 до 4.800 вртежи во минута, а со оглед на тоа дека станува збор за AWD-i верзија, оваа погонска поставка има два електромотори. Првиот електромтор е асинхрон со перманентен магнет и е поставен напред и има моќност од 80 КС и 141 Nm, додека вториот е индукционен и ги придвижува задните тркала со моќност од 5 КС. Целиот систем се напојува од батерија со капацитет од 4,3 kWh, додека вкупната моќност на Yaris Cross изнесува 116 КС со термална ефикасност од над 40 проценти. Преносот на силата до предните тркала се одвива преку e-CVT менувачот.

Тест Toyota Yaris Cross

Оние 116 КС кои ги имавме на располагање кај Yaris Cros Hybrid AWD-i се покажаа одлично, а иницијалното забрзување е навистина импресивно. Благодарение на овој погон, Yaris Cross делува како идеален градски автомобил со својата динамика, но е далеку од најдобрите спринтери со забрзувањето од безмалку 12 секунди до „стотка“. Благодарение на TNGA-B платформата, која е правена со цел да има ниско тежиште и да понуди забава во возењето, добиваме впечаток дека не ни е потребно ништо повеќе од тоа.

Сепак, со оглед на тоа дека станува збор за кросовер, динамиката е нешто помала во однос на стандардниот Yaris, но затоа со клиренсот од 17 сантиметри, нема да имате проблем со дупките кои се стандарден дел од „опремата“ на скопските улици. Благодарние на погонот на сите четири тркала, пак, ќе можете да совладате и неасфалтирани патишта доколку се одлучите за некоја помала „оф-роуд“ авантура. Сепак, треба да се земе предвид дека не станува збор за класичен теренец, бидејќи соодносот на моќноста се дели 60:40 меѓу предниот и задниот погон.

Врвна прецизност и мала потрошувачка

Ваквата поставка се снаоѓа многу подобро во секојдневна употреба, бидејќи AWD-i верзијата во свиоците ви овозможува поголема стабилност и можност порано да ја стиснете педалата за гас, а притоа да бидете многу посигурни зад управувачот. Исто така, благодарение на селекторот на режими кој покрај Normal, нуди Snow и Trail, Yaris Cross ќе биде многу посмирен во поотежнати временски услови.

Прецизноста на управувањето е сосема добра, а сето ова е поради малата маса на возилото која останува на само 1.270 килограми и покрај моторите и батеријата. Благодарение на оваа разумна маса и потрошувачката во градски услови без проблеми се движи помеѓу 5 и 6 литри на 100 километри, по она што нам ни го покажа како резултат. Инаку, Yaris Cross одлично се снаоѓа и на отворен пат, а единствено што може да се даде како забелешка е звучната изолација во кабината која во Toyota можеле да направат да биде уште малку подобра( останува звукот од моторот при CVT трансмисија). Прегледноста во автомобилот е на исклучително високо ниво, при возење делува многу поголем од тоа што е, што дава чувство на сигурност кое е својствено за големите автомобили.

Впечатокот кој го добивме од нашето дружење со Yaris Cross Hybrid AWD-i е дека Toyota погоди директно во метата со одлуката за „кросоверизација“ на Yaris. Иако двата модели немаат многу заеднички работи, сепак Yaris Cross длабоко во својата душа го содржи малиот хечбек, а притоа е прилагоден за оние кои ги следат трендовите. Toyota полага сериозни надежи на Yaris Cross кој е создаден за Европа – го очекуваме пристигањето на Corolla Cross која ја видовме на саемот во Чикаго пред неколку недели, за да видиме вниманието кое е вложено во дизајнот, развојот и изработката, дали покажува дека новите компактни кросовери на компанијата ќе се позиционира добро и ги поседувааат сите неопходни состојки за успех на пазарот.

Цена на тестираниот модел 36.290 евра

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com