-8 C
Skopje
Wednesday, January 20, 2021

Тензии меѓу СДСМ и ДУИ во борбата за албански гласови

Најчитани вести

Може да се очекува засилување на националистичката реторика од ДУИ како што ќе се приближуваат изборите во обид да се прикажат како заштитник на Албанците и тоа најмногу ќе биде насочено кон владиниот партнер СДСМ, кој исто така се надева на албански гласови.

Борбата за гласачите албанци во пресрет на изборите е главната причина за несогласувањата меѓу владејачките партнери СДСМ и ДУИ. Може да се очекува засилување на националистичката реторика од ДУИ како што ќе се приближуваат изборите, планирани за 12 април, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој се сомнева дека тоа може да постигне голем ефект. СДСМ, пак, има умерена реторика затоа што претендира на гласови од сите етнички заедници.

Национализмот во јавноста се подгреа со инцидентот на прославата на навивачката група Шверцери во МНТ, а потоа и со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.

Конфликтот меѓу ДУИ и СДСМ се изостри и со блокирањето на измените во изборниот Законик од страна на ДУИ, како и со меѓусебната поддршка на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за избор на членови на Судскиот совет.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека е нормално засилување на реториката во предизборниот период – дали преку популизам или преку национализам.

„Во оваа смисла ДУИ во предизборниот период ќе ја засили својата улога на, условно речено, проалбански заштитник, бидејќи ним стратешки таа улога повеќе им одговара. Имајќи предвид дека се во коалиција со СДСМ, кој пледира на албански гласови, тие во овој предизборен период сакаат да направат некаква дистанца, а таа најбрзо се прави на национални пораки. Тоа помалку би успеало отколку со ВМРО-ДПМНЕ, затоа што антагонизацијата на Албанците кон СДСМ помалку ќе биде успешна, зашто СДСМ не е доживеана како албанофобна партија, но секако ќе ги мобилизира сопствените гласачи во предизборието“, вели Арсовски.

Тој посочува дека со умерената реторика, СДСМ нема да изгуби македонски гласови, затоа што „тие македонски гласови кои СДСМ можел да ги изгуби поради својата близина со Албанците, веќе ги има изгубено“.

Од друга страна, професор Арсим Синани вели дека ако на минатите избори имало прелевање на албански гласови од ДУИ кон СДСМ, сега тие ќе се прелеат кон албанската опозиција.

„СДСМ еднаш ги брифираше Албанците и ништо не направи за нив и резултатот ќе го видат во недела или во понеделник кога ќе ги бројат гласовите“, вели Синани.

Заострувањето на реториката меѓу ДУИ и СДСМ почна со инцидентот на прославата на навивачката група „Шверцери“ во МНТ, кога беше оштетен дел од инвентарот на театарот. Прославата ја организираше пратеникот Артан Груби од ДУИ, кој е и поранешен член на „Шверцерите“. Додека од СДСМ доаѓаа умерени изјави дека материјалната штета треба да се надомести, но дека поголема е духовната, функционери на ДУИ излегоа со поостри ставови дека тие имаат право да слават каде сакаат и дека на настанот немало ништо страшно.

Тензиите се подгреја и со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазици. Додека владејачкиот СДСМ вели дека треба да се разгледаат и да се вклучат во законот за тој да се подобри, вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ рече дека секое чепкање на законот „ќе нè врати пред 2001 година“.

Конфликтот меѓу владејачките партнери излезе на површина и со предлог-измените на Изборниот законик кој ДУИ ги блокира со неколку илјади амандмани, а премиерот Зоран Заев рече дека сериозно ќе размислат за одржливоста на коалицијата. Потоа, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се поддржаа за избори на членови во Судскиот совет, а кандидатката предложена од СДСМ не беше изгласана од Комисијата за избори и именување.

На последните избори во 2016 година ДУИ освои 65 илјади гласови помалку отколку на претходните избори во 2014 година и го намали бројот на пратеници од 19 на 10. Проценките се дека на тие избори СДСМ освои десетици илјади гласови од Албанците, кои придонесоа партијата да дојде на власт. СДСМ има пратеници, министри и градоначалници, кои се Албанци./рсе

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести