На прашање од Рашковски, пак, дали според неговиот увид во документацијата имало некаква одлука, заклучок или информација од Владата за набавката, тој рече дека немало потреба од тоа бидејќи набавката на софтверот веќе била во годишниот план за набавки на Генералниот секретаријат. Покрај економскиот, денеска во судница сведочеше уште еден вештак од областа на интелектуалната сопственост која зборуваше и за тоа дали Рашковски можеш да патентира софтвер и на што се однесувале неговите барања за патенти
Четирите тендери во случајот „Софтвери“ биле економични и ефикасни, тврди вештак предложен од поранешниот генерален на Владата, Драги Рашковски, првообвинет во случајот.
Ристо Котев, како вешто лице од областа на материјално, сметководствено и финансиско работење, по предлог на одбраната денеска е еден од сведоците на рочиштето во Основниот кривичен суд Скопје.
Тендерите кои се дел од овој кривичен предмет, набавката на софтвери за определување просечна брзина на возилата и за биометриска идентификација, како и уште два тендери поврзани со овие системи (за камери за препознавање регистарски таблици и кабини), тврдеше Котев биле економични и ефикасни бидејќи биле запазени начелата: избран е најповолниот понудувач, нема жалби од останатите понудувачи, запазени се роковите, набавките се дел од годишните сметки на Владата без забелешки од Собранието, набавените работи се наоѓаат на листата од извршениот попис итн.
Меѓу прашањата што му ги поставуваше Рашковски на вештакот беа и дали набавките биле планирани и за нив имало предвидено пари, како и дали имало барање од некој институција за да се направи набавката односно дали имало потреба од барање.
Котев за сите четири тендери даваше слични одговори, па така посочи дека сите набавки биле наведени во годишниот план. За набавка на софтверот за мерење на просечна брзина на возилата, пак, на пример, рече дека немало потреба да има барање од некоја институција бидејќи според одлуката софтверот се набавувал за потребите на Владата, па Генералниот секретаријат ќе требало самиот на себе да си поднесе барање.
„Со оглед дека набавката е реализирана за потребите на Владата, видно од одлуката за набавка, нема потреба друг орган да поднесува барање бидејќи во тој случај Генералниот секретаријат би требало сам до себе да си поднесе барање“,
рече Котев.
На прашање од Рашковски, пак, дали според неговиот увид во документацијата имало некаква одлука, заклучок или информација од Владата за набавката, тој рече дека немало потреба од тоа бидејќи набавката на софтверот веќе била во годишниот план за набавки на Генералниот секретаријат.
„Немаше таков документ со кој се потврдува дека има некаква одлука или заклучок бидејќи владата не носи одлуки или заклучоци за тоа доколку се предвидени пари од Буџетот на институцијата. А, видовме дека имало планирано пари, така да нема потреба од тоа“,
тврдеше вештакот.
Испитувањето на овој сведок од страна на Рашковски продолжи и во попладневните часови, а претходно на денешното рочиште сведочеше и Милица Шутова која е вештак од областа на интелектуалната сопственост. И таа сведочеше по предлог на обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата, кој прво ја праша дали во Северна Македонија може да се патентира софтвер.
Таа одговори дека „не“, а во понатамошните одговори на прашањата на Рашковски, рече дека барањата за три патенти што тој ги поднел се однесуваат на системи и уреди за контрола на брзина на возилата читајќи ги детално на што се однесуваат.
На прашање на обвинителката Ивана Трајчева, Шутова немаше одговор дали овие три патенти кои не се софтвер, всушност се содржани во карактеристиките на тендерската документација за софтверот за определување просечна брзина на возилата.
„Рековте дека при изготвување на вашиот вешт наод, помеѓу другата документација сте извршиле проучување и на техничките спецификации од јавната набавка за софтверот за определување просечна брзина и за изрекување казни. Ќе се согласите ли дека трите патенти барања од пронајдокот се содржани во техничките спецификации на јавната набавка?“,
праша Трајчева.
Одговорот на Шутова, пак, беше дека во вештиот наод само е нотирано дека се земени предвид тие документи од јавната набавка како фактична состојба, но не се впуштила во одговори од функционален карактер бидејќи, рече, не е стручна во таа област.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март 2021 година објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Институцијата надлежна да казнува за сообраќајни прекршоци – МВР, а не Владата, тогаш одговори ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Покрај тендерите поврзани со овој софтвер и софтверот за биометриска идентификација, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.
Рашковски како првообвинет се гони за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.