Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари телефонски разговор со новиот министер за надворешни работи на Република Бугарија, Николај Милков.
Упатувајќи честитки за новата функција, Османи изрази подготвеност за континуитет во рамките на продлабочената соработка, со цел зацврстување на пријателството меѓу двете земји.
Соговорниците ги реафирмираа заложбите во претстојниот период да продолжи развојот на соработката во сите области во кои постои взаемен интерес, согласно Договорот за пријателство од 2017 година, како и Протоколот од Заедничката меѓувладина комисија.
За време на разговорот стана збор и за европските интеграции на Македонија. Притоа беше поздравен почетокот на преговорите со ЕУ и беше нагласена европска перспектива за земјава, како взаемен интерес не само на двете земји, туку и на целиот регион, и на самата Унија.
Соговорниците разменија мислења и за партнерството во НАТО Алијансата, со посебен фокус на кризата предизвикана од руската агресија врз Украина, потоа за идното претседавање на Македонија со ОБСЕ како и други актуелни прашања во доменот на надворешната политика.