Секој ден сум на работа во Гостивар, и во сабота и во недела, но во среда ординирам како лекар во Клиничкиот центар, вели Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.
-Во општината се работи, се подготвуваат нови проекти, но имаме проблеми со поскапувањето на струјата што нема да нѐ спречи за понатаму, вели Таравари од Алијанса на Албанците која е најголема опозициска политичка партија од албанскиот блок.
Тој најавува дека конгресот на кој ќе се избира нов лидер на партија на местото на Зијадин Села ќе се одржи на 27 март.
-Ако Села се кандидира јас нема да се кандидирам и тој ќе ја има мојата поддршка, но ако не се кандидира може и да размислам. Со Села имаме одлична соработка, вели Таравари.
Алијанса на Албанците не помина добро на локалните избори. Направени се анализи затоа, вели Таравари, и додава дека е намален квантумот на гласови од 2020 до 2022 година. Таравари коментира дека е различно излегувањето на парламентарни и локални избори, а неговата партија е свесна за грешките и ќе ги исправи. Тој вели дека неговата партија е столбот за интересите на Албанците во Македонија и дека имаат идеи како да ја победат ДУИ на следните избори со соработка со други партии оти нивната цел е промена во албанскиот блок.