Home » Таравари: Да запре именувањето на Димовски за амбасадор, ако сепак се именува – Франција да го одбие

Таравари: Да запре именувањето на Димовски за амбасадор, ако сепак се именува – Франција да го одбие

by Журнал.мк

Протестираме против евентуалното испраќање на Виктор Димовски како амбасадор во Франција. Според информациите со кои располагаме, Димовски претходно го добил агреманот од француските власти, но неговото испраќање во Париз се одолжи поради внатрешните калкулации во владината коалиција со неговата замена на чело на Агенцијата за национална безбедност, изјави Арбен Таравари, в.д. претседателот на Алијанса за Албанците.

Според Таравари, именувањето на Димовски за амбасадор доби друга димензија по скандалот со Онишченко, скандал кој директно ја стави во опасност националната безбедност и го уништи режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ.

„Оценувам дека Виктор Димовски е неподобен и недостоен кандидат за да врши дипломатски функции и да ја претставува земјата, и тоа, поради многу причини.

Минатото на Димовски предизвикува загриженост кога станува збор за неговите блиски односи со Србија, истакнати од нашите американски партнери, а сега веќе познати и на јавноста.

Како директор на Агенцијата за национална безбедност, Димовски е препознатлив по издавањето на безбедносни сертификати на корумпирани лица и што се под истрага. Димовски ги прекрши основните права на повеќе од 20.000 граѓани на оваа земја, на кои од страна на Агенцијата за национална безбедност арбитрарно им е ускратено правото за државјанство на Северна Македонија. Сосема иронично, со оглед на скандалот со Онишченко, на нашите граѓани често им беше одбиено државјанството под тоталитарно оправдување дека претставуваат опасност за државата. Потсетуваме дека оваа бројка од повеќе од 20.000 блокирани апликации од Димовски ја даде јавно премиерот Ковачевски.

Не постои ниту една дилема за одговорноста на Димовски за скандалот Онишченко, како директор на Агенцијата за национална безбедност. Димовски го имаше овластувањето за давање конечно позитивно мислење за рускиот олигарх и мора да даде отчет за тоа во тековните истраги кои мора да одат до крај. Од самиот факт дека, после притисокот од меѓународните партнери власта му го одзеде државјанството на Онишченко, се призна дека имало прекршоци и последователно мора да има и одговорност“, изјави Таравари и наведе три барања упатени до институциите во земјата и до Франција.

„Барам од Министерството за внатрешни работи веднаш да го објави извештајот од истрагата за одговорноста на Агенцијата за национална безбедност во скандалот Онишченко. Општиот интерес налага граѓаните и обвинителството да ја знаат вистината за овој коруптивен случај за кој повеќе не смее да се расправа само на затворени седници зад очите на јавноста.

Барам од претседателот Пендаровски да го отфрли указот на Димовски. Од претседателот на државата се очекува да го заштити државниот интерес и односите со сојузниците, а не да го спушти нивото на преговори меѓу политичките партии за компромитиран и недостоен поединец за амбасадорската функција.

И трето, доколку сепак Димовски биде именуван, ги охрабруваме нашите француски пријатели да не го прифатат како амбасадор во Париз. Како убеден Европеец, како љубител на Франција и нејзините илуминистички и хуманистички вредности, верувам дека присуството на Димовски во дипломатскиот кор акредитиран во Париз би било навреда за Франција. Поединецот за кој станува збор е токму спротивното од она што го претставува Франција. Уште повеќе, сакам да верувам дека Франција нема да дозволи да биде користена како штит со доделување дипломатски имунитет на поединец вмешан во ваков скандал од меѓународни размери, без да ја докаже својата невиност.

САД го одбија Фрчкоски, ЕУ ја одби Арифи, посакувам и се надевам дека Франција ќе го одбие Димовски, за да еднаш засегогаш престане подбивањето со нашите главни партнери, без кои немаше да бидеме ниту во НАТО ниту во очекување на отварањето на пристапните преговори за ЕУ“, изјави Таравари.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk