13 C
Skopje
Monday, March 1, 2021

Сè повеќе лажни наградни игри на „Фејсбук“, МВР апелира да внимавате кому ги давате личните податоци

Најчитани вести

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР во изминатиот период евидентирал зголемен број на лажни наградни игри на интернет, каде што со користење на социјалните мрежи, особено „Фејсбук“, се отвораат лажни профили на компании од нашата земја, а со цел неовластено прибавување на лични податоци од граѓаните.

Притоа, со отварањето на лажни профили именувани како некоја позната компанија од земјата, со користење на нивните логоа и брендови, се прават објави дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и слично.

Во објавите се бара од граѓаните доколку сакаат да учествуваат во овие наградни игри, да стиснат допаѓање „like“ на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат „Учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра.

Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за подигање на истата потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР апелира до граѓаните за постоењето на ризици од можни злоупотреби на личните податоци преку интернет.

„Исклучително важно е граѓаните да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот. Во оваа конкретна ситуација, апелираме граѓаните, да се осигураат за веродостојноста на наградната игра, затоа што нивните лични податоци може да бидат искористени при извршување на други видови кривични дела, и на тој начин да бидат соочени со несакани негативни последици“, велат од МВР.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести