30.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Супер-дерби на „Олимпико“ – Милан со добра партија го освои Рим

Најчитани вести

Фудбалерите на Милан заборавија на проблемите и го покажаа своето лице кое ги красеше во 2020 година, па со убедлива партија победи кај Рома со 1-2 (0-1) од 24. коло на Серија А. „Росонерите“ покажаа доминација, пресинг, шанси и сè друго за што беа фалени, па по четири натпревари без триумф, конечно запишаа славје. Милан поведе преку голот на Кеси од пенал, израмни Верету на стартот од продолжението, а победата ја потврди Ребиќ. Мора да се напомене дека ова дерби изобилуваше со шанси, одлична игра и дури три оправдано поништени голови.

Извештај од натпреварот:

Натпреварот во Рим тргна фуриозно, по само пет минути прв пат се тресеше мрежата откако Томори по мешаница погоди, но имаше офсајд претходно во акцијата. Милан играше пресинг, а тоа резултира со многу шанси, па две исклучително опасни на Ибрахимовиќ ги одбрани Пау Лопез. „Росонерите“ имаа уште еден поништен гол, Ибра беше во недозволена позиција и голот на Ребиќ не важеше. За серијата да биде поубедлива, се погрижи Манчини кој направи фаул при првиот погодок на Рома и истиот не важеше. Римјаните се обидуваа преку контра напади, а првата шанса ја имаше Верету.

Пред паузата, Фацио невнимателно стартуваше и го нагази Калабрија, па Марко Гуида по преглед на снимката од ВАР досуди казнен удар. Прецизен од белата точка беше Франк Кеси, за 0-1 во 43. минута од натпреварот. Милан на пауза замина со позитива од еден гол и подобар моментум од Рома, а доминацијата најдобро ја отсликуваа десетте удари во рамките на голот на Лопез.

Голем пех за Милан и Стефано Пиоли беше примораноста од игра да излезат Чалханоглу и Ибрахимовиќ кои се пожалија на повреди.

Израмнувањето за „волчицата“ беше дело на Џордан Верету. Фудбалерот за врска со одличен пласиран удар го матира Донарума во 50. минута за 1-1 и надеж на Рома. Сепак, девет минути му требаа на гостинот да се врати во предност. Салемакерс го проигра Ребиќ на околу 20 метри, а Хрватот со одлично движење се ослободи од Манчини и со лева го матира Лопез за водство од 1-2. Нов проблем за Пиоли беше и Ребиќ, кој исто така се пожали на повреда.

До крајот на натпреварот Рома ја презеде иницијативата, почна да притиска и да бара ново израмнување. Иако имаа неколку изгледни шанси, Џиџо Донарума беше извонреден меѓу стативите. Така, ударите на Мхтаријан, Ел Шарави и Мајорал беа спречени од одличниот голман на „росонерите“.

По овој триумф Милан се одржа на минус четири од градскиот ривал Интер на втората позиција од табелата, но што е многу поважно ја зголеми предноста пред Рома на осум бодови.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести