Судскиот совет бара до Нова година да ги добие сите податоци за несработени и застарени случаи на судиите. Во дописот до претседателите на судовите, претседателот на Судскиот совет Киро Здравев пишува дека барањето е во интерес на враќање на довербата на граѓаните во судската власт. Имаат рок од една недела односно до 27 декември да одговорат на барањето. Здравев бара конкретни бројки за:
– број на стари нерешени предмети по години, видови и судии
– застарени кривични предмети со образложени причини за застарување и
– какви мерки се преземени од Претседателот на судот за решавање на старите предмети согласно програмата и акцискиот план за спроведување на програмата
Денеска Антикорупциската комисија пак соопшти дека подготвува методологија според која ќе го проверува имотот на судиите.
„Во тек сме на утврдување на методологија – кои од судиите ќе биде избран за проверка. Следната недела ќе побараме податоци за работата на судиите од Републичкиот судски совет и врз основа на тие податоци ќе констатираме дали проверката ќе биде врз основа на ефикасноста на нивната работа, кој колку предмети сработил. Дополнително ќе ги утврдиме критериумите и врз основа на нив ќе направиме избор на примерок“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Ваквите чекори на Судскиот совет и Антикорупциската следуваат по се позачестените критики и незадоволство за работата на судиите и обвинителите.