14.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Судот ќе решава за докази понудени од одбраната на Груевски

Најчитани вести

Судот денеска (4.04) треба да се произнесе дали ќе бидат изведени како докази доставените транскрипти и цедеа од телефонски разговори помеѓу Никола Груевски и Јордан Камчев, и двајцата обвинети во случајот „Плацови на Водно“. Овие материјали ги доставиле бранителите на Груевски непосредно пред почетокот на последното рочиште одржано минатата недела, а денеска Обвинителството и бранителите на другите обвинети треба да се изјаснат – дали ќе приговараат против овие докази или ќе се согласат да бидат изведени.

Но, она што му претходеше на денешното рочиште, е фактот дека тие телефонски разговори викендов беа објавени на Јутјуб. Станува збор за две снимки, во кои Груевски и Камчев разговараат за случајот „Плацеви на Водно“, во кој првообвинет е поранешниот премиер.

Дали со јавното објавување на тие разговори, тие се компромитирани како потенцијални докази? Релевантни извори велат дека според судската пракса на Европскиот суд за човекови права, во случајов не е проблем дали тие се законски или незаконски стекнати и дали се веќе објавени, туку дали го тангираат јавниот интерес.

Поранешниот премиер, Никола Груевски, на Фејсбук ја потврди автентичноста на разговорите.

„Да, тие разговори се случија во февруари 2021 година (…) Не знам дали овие снимки ќе влијаат на судскиот процес. Знам само дека исти вакви снимки во случајот ‘Рекет’ беа прифатени за докази и се донесоа судски пресуди на база на тие докази. Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените Плацеви на Водно“, напиша Груевски.

Обвинувања за лажни изјави

Ова не е прва реакција на поранешниот премиер, кој од Будимпешта често се огласува на Фејсбук. Тој реагираше и по исказите на Камчев на 24-ти март, дека за Груевски се чуваат три ексклузивни стана од 750 квадрати во замена за плацовите на Водно.

„Ова не е правда. За правда треба докази, а не изнудени лажни изјави“, коментираше тогаш Груевски.

Напиша дека бизнисменот се испазарил и преку ноќ ја сменил изјавата.

„Уште и додал дека земјиштето го платил или трампал со некакви три апартмани во некоја зграда со име ‘Панорама’ или слично на тоа, нешто што никогаш не се случило, ниту пак имам или некогаш сум имал такви апартмани во вкупна големина од 750 квадратни метри кои чекале за примопредавање, со што сам се негира дека ми дал некаква компензација. На прашање дали сум ги презел тие станови, кажал дека не сум ги презел и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев. Какви лаги! Неверојатно! Не можам да поверувам! Ниту поседувам такви станови, ниту сум ги договорил со некој, ниту некој ми ветил или ми чува станови некаде“, тврдеше Груевски.

Тој се осврна и на исказите на неговиот кум, Ристо Новачевски, со став дека „за обвинителството да го држи под цврста контрола до последен момент, наместо сведок го направило обвинет и буквално му диктира што да каже“.

„Никој не ме спомна…“

По серија искази на обвинетите кои не беа поволни за Груевски, разговорите објавени изминатиов викенд се оценуваат како обид на поранешниот премиер да ги дискредитира нив. Во одбрана на Груевски застана само неговиот братучед, Сашо Мијалков, исто така обвинет во предметот.

„Не сум знаел за нелегални пари. Не сум имал допирна точка до партиската каса. Никој не спомнал дека недостасуваат толку многу пари. Толкав износ да снема, а никој да не забележи? Не ми е верно мене тоа. (…) За офшор компанијата сувишно е да зборувам. Си кажаа тука кој ја отворил, чија била. Мене никој не ме спомна. Да имав јас врска, тука ќе имаше докази дека имам поврзаност со офшор компанијата“, рече Мијалков.

Но, токму Мијалков беше посочен во сведочењето на бизнисменот Александар Ивановски.

„Имам преземено активности по замолница на мојот добар пријател Сашо Мијалков, за негов пријател да потпишам основање на фирма овде во Македонија. Како за секое добро пријателство, го потпишав документот (…) Во 2015 година, кога излегоа ‘бомбите’, тие плацови се спомнуваа во неколку наврати и во тој момент се видов со Сашо и му реков: ‘Мислев дека плацовите се за тебе, ама стварно не биле за тебе’, а тој само рече: ‘Да, гледаш дека не се за мене, гледаш не сум те лажел’“, сведочеше Ивановски.

Груевски во предметот е обвинет дека со злоупотреба на парите од партиската членарина купил имот за 1,2 милиони евра и дека во перење на парите и прикривање на сопственоста му помагале неколку лица.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com