Home » Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот продолжува на 22 ноември

Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот продолжува на 22 ноември

by Журнал.мк

Судењето за случајот со убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк во Скопје продолжува на 22 ноември, откако денеска во Основен кривичен суд – Скопје сведочеше очевидец на настанот.

На денешното рочиште сведочеше Мартин Ѓорѓиевски, кој заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски бил излезен вечерта кога се случил конкретниот настан.

Сведокот раскажа за текот на случувањата во дискотеката до заминувањето во такси.

– Јас бев зад совозачот, потоа мислам дека Анџело седна до мене на средина, а Клементина влезе од левата врата. За да седне и Виктор, Клементина се префрли кај Анџело во скут. Денис влезе во таксито и му кажавме да излезе, бидејќи чекаме да влезе другар, но тој упорно се пикаше во колата и почна да упатува погрдни зборови кон Клементина: „што сакаш ти курво мала“ и кон Анџело: „ти да ќутиш“. Анџело му рече: „полека малку, смири се“, а Клементина му нагласи: „излези, не е за тебе местото“. Тој дел од секундата почна некоја си турканица внатре во таксито и имаше напад кон Клементина и Анџело од страна на Денис, раскажа Мартин Ѓорѓиевски.

Потоа, како што рече, Анџело извикал „што ме маваш“ и дека сѐ тоа се случило во неполна секунда. Кога излегол од таксито, сега починатиот Денис Тот, веќе паѓал на грб и тој веднаш се стрчал да ги раздвои.

– Тоа беше шок за мене, сепак, Денис ми беше другар, секој втор, трет ден во неделата ние бевме заедно, рече тој.

Бранителот Иле Танев, во изјава за медиуми по судењето, изјави дека исказот на сведокот оди во друг правец.

– Дава една друга слика која што во никој случај не може да се подвргне на оваа квалификација која што сега е дадена, бидејќи, едноставно се работи за еден моментен, инцидент, се работи за конфликт и се работи за една најобична тепачка, рече адвокатот.

Според него, ослободителна пресуда не може да се очекува, но, дополни, доколку остане ваква правна квалификација, би било логично затоа што, како што рече „вакво дело не постои“.

Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.

Наредното рочиште на кое е превидено да се испитаат обвинетите е насрочено за 22 ноември.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More