Печалбарите ја преполнија Струга. Во екот на летната сезона градот на мостовите е преполн со посетители. Најбројни се печалбарите, кои годишните одмори редовно ги минуваат во родниот град. Потоа гостите од Холандија, Полска, Албанија, Косово и Турција. Експертите велат Струга има голем потенцијал и треба да работи на развој на алтернативен туризам.
„Постојат голем број на можности меѓутоа не се сè уште искористени. Или се недоволно искористени. Такви се на пример планинскиот и руралниот туризам. Струга има извонреден потенцијал од овој аспект пред сè поради тоа што ја имаме планината Јабланица, планината Караорман“, вели Валентина Переска од Агенцијата за туризам.
За продолжување на туристичката сезона во Струга треба да се работи и на развојот и на културен туризам, преку организирање на повеќе настани и манифестации.
„Повеќе внимание посветивме на верскиот или религиозен туризам и на манифестацискиот туризам. Потребна е поголема поддршка на планинарските, кајакарските и велосипедските клубови за збогатување на понудата со нови алтернативни форми. Од аспект на верскиот туризам Струга има огромен потенцијал“, додава Переска.
Туристичките работници од струшко се задоволни од посетеноста ова лето, но сите се согласуваат дека треба да се работи на продолжување на сезоната преку организирање на различни настани и манифестации во градот.