Околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави, утре доаѓаат во Охрид – на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
Значајно е што Школата ќе се одржи со семинаристи од речиси сите страни на светот, при што нивниот број е најголем последниве години. За Школата која ќе трае до крајот на август, предвидена е програма која покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани кои имаат за цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.
Според програмата што ја објави МСМЈЛК при УКИМ, по пристигнувањето на странските македонисти и слависти во Охрид на 17 август и по отпочнувањето со лекторската настава, на 18 август, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. На отворањето, свечено обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.
На 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе учествуваат семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република. Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и голем број млади кадри.