17.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Сто дена Влада – посветени на создавање услови за подобар живот и европска иднина

Најчитани вести

Справувањето со енергетската криза, ефектите од војната во Украина, заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите, исполнување на големите инфраструктурни проекти, но и евроинтграцискиот пат, кој е стратешка цел на земјата, се работите кои биле во фокусот на Владата на премиерот Димитар Ковачевски во првите 100 дена од работењето.

Владата останува на јасна цел – да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за граѓаните, порача на вчерашната тематска владина седница премиерот Ковачевски.

– Ова беа 100 дена на предизвици – денови на здравствена, енергетска, економска и воена криза и клучна цел беше да се задржи стандардот на граѓаните. Напорно ќе биде и понатаму, бидејќи кризата е се уште присутна, но со јасен план и со јасни мерки што ги спроведуваме и низ дијалог со сите чинители на општеството, сигурно дека Република Македонија ќе излезе како победник од овие предизвици, рече Ковачевски.

Долга е листата на мерки и политики што оваа Влада ги донесе во првите 100 дена, истакна Ковачевски, нагласувајќи дека во првите три недели од работата е остварено ветувањето за зголемување на минимална плата на 18 илјади денари, како и дека е обезбеден континуиран раст на пензиите, но и заштита на граѓаните од поскапувањата со пакетот антикризните мерки во вкупна вредност од над 400 милиони евра, а чие влијание достигнува 615 милиони евра.

Квалитетните здравствени политики, намалување на цените на околу 230 лекови, посветена и мотивирана работа на полицијата, вложувања за подобри услови за секој припадник на Армијата согласно НАТО стандардите, издавање електронски уверенија преку националниот портал uslugi.gov.mk, инвестициите во патната и железничката инфраструктура, изградба и распределба на социјални станови, националниот план за производство на храна во вредност од 400 милиони денари, распределени 536 милиони денари за инвестиции во културата за 2022 година и потпишани договори во вредност од 5,5 милиони евра за подобрување на условите за заштита на животната средина, за зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги и воведување е-услуги во повеќе општини, како и нова фотонапонска електрана Осломеј, учество во проектот за изградба на терминал за течен природен гас во Александрополи во Грција … се само дел од работите кои ги посочи Ковачевски, зборувајќи за работата на Вадата во првите три месеци.

Војната во Украина, Ковачевски рече дека, покажа оти политиката на отворени врати на НАТО била историски успех што обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент, додека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата.

– Аналогно на тоа сметам дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнавме дека е од исклучителна важност за Македонија да започне преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања, рече Ковачевски.

Во своето обраќање, Ковачевски како прв човек на Владата, повика на издигнување над дневно-политичките случувања и обединување околу приоритетите во општеството.

– Дијалогот е единствен начин за постигнување на решенија. Да најдеме сили и мотивација да ги надминеме разликите, да се обединиме околу приоритетите и брзо да напредуваме, ги повика Ковачевски, сите чинители во општеството.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во соопштение до медиумите, реагираа на изјавата на Ковачевски, посочувајќи дека новата влада преставува продолжение на владеењето и навиките од претходните пет години и најавија дека во многу скоро време ќе излезат со детална анализа за владеењето на оваа влада.

Коментирајќи ја работата на Владата, пратеникот на Алијанса за Албанците, Елми Азири, вчера рече дека првите 100 дена на Владата се знаци кои не даваат никаква надеж за оваа земја. Според Азири, овие 100 дена за жал го зголемиле убедувањето кај граѓаните, особено кај младите, дека тешко се живее во Северна Македонија со оваа власт и менталитет.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com