Според него, САД веднаш ќе ги пренесат на Европската унија своите ставови за конечниот нацрт на договорот за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година преку високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Претходно од Техеран беше соопштено дека Иран е подготвен да го прифати финалниот текст предложен во Виена за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, но под услов да има и одредени гаранции.
Според иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, на Техеран му беше понудено укинување на некои од санкциите што ја задушуваат иранската економија, во замена за драстично намалување на неговата нуклеарна програма ставена под строга контрола на ОН.
Сепак, САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година под претседателство на Доналд Трамп и ги вратија на сила казнените мерки. Како одговор, Иран постепено се повлече од своите обврски.
Договорот за иранската нуклеарна програма со официјално име „Заеднички сеопфатен план за акција“, беше потпишан во Виена во јули 2015 година од страна на Иран и групата „5 плус 1“ составена од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписник во име на ЕУ.