19.8 C
Skopje
Thursday, June 17, 2021

Стејт департмент: Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите и да не го дестабилизира регионот

Најчитани вести

Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи во земјата, меѓу кои и македонската и да изнајде решение на отворените прашања со Северна Македонија, бидејќи блокадата на пристапувањето на соседот во ЕУ „ризикува дестабилизација во регионот“, изјавија денеска за МИА од американскиот Стејт департмент, а поврзано со најновиот извештај за состојбата на човековите права во соседната земја.

Годишниот извештајот за човековите права на Стејт департментот, објавен завчера, е продлабочен документ за состојбата со прекршувањето на човековите права во светот. Во извештајот за 2020 година е нотирано дека Софија продолжува да репресира поединци и групи од македонско потекло кои само сакаат слободно изразување и здружување.

На прашања од МИА зошто е тоа така и зошто, во дополнение на тоа, властите во Бугарија не ја признаваат македонската историја, идентитет и јазик и го блокираат пристапувањето на Северна Македоноја во ЕУ, високо официјално лице на Стејт департментот го изјави следното: „Ја охрабруваме Бугарија да ги спроведува своите закони еднакво за сите етнички групи и да се придржува до своите меѓународни обврски за човекови права, како правото на слободно собирање“.

Оттаму го истакнуваат историската значење на Договорот од Преспа склучен меѓу Грција и Северна Македонија.

– Овој договор демонстрира дека земјите од Западен Балкан се способни да завршат сложени работи, да направат компромиси и да дојдат до решение. Ние сме сиурни дека Бугарија и Северна Македонија ќе го сторат истото со преговарање околу нивните билатерални прашања, но тоа да се издвои од процесот за пристапување (на Северна Макодонија) во ЕУ – нагласува високиот претставник на Стејт депарментот.

Како што е познато, лани Бугарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, со што ги запре пристапните преговори на нашата земја со ЕУ.

– Блокирањето на интегративниот пат на Северна Македонија кон ЕУ ризикува дестабилизација на нормалните блиски односи меѓу сојузниците од НАТО и може да го поткопа значајниот прогрес за продлабочување на регионалната соработка. Тоа би било загуба за секоја земја од јужна и централна Европа – посочија од Стејт департментот.

Оттаму додаваат и дека САД се силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.

– Сметаме дека иднината на Западниот Балкан е директно поврзана со ЕУ. Процесот на проширување во регионот промовира долготраен мир, стабилност и просперитет – велат од Стејт департментот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести