-6.6 C
Skopje
Tuesday, January 19, 2021

ССК: Мерките за помош на стопанството да се донесат во јануари

Најчитани вести

Економските мерки за поддршка на стопанството и намалување на штетните последици од кризата потребно е да имаат континуитет, бидејќи само така може да се одржи економската активност на што поголем број правни субјекти и да се избегне загубата на работни места. Дисконтинуитетот во доделување на поддршката може да доведе до намалување на постигнатите ефекти и до забавување на излезот од кризата. Несоодветната имплементација или предвремениот прекин на економските мерки може да предизвикаат сериозни негативни ефекти во справувањето со кризата, чие надминување во тој случај ќе бара ангажирање на повеќе време и ресурси, предупредува Сојузот на стопански комори на Македонија.

Оттаму додаваат дека деловните субјекти во земјава, особено малите и средни претпријатија, сè уште се наоѓаат во исклучително тешка состојба, некои сè уште со рестрикции во вршење на дејноста, но и оние кои можат да работат се соочуваат со намалена потрошувачка, откажани нарачки и пласмани.

„Продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош, како и бескаматните кредити се приоритетните мерки кои реалниот сектор очекува да продолжат и да траат најмалку до април. Во анкетата што ја направи Сојузот на стопански комори на Македонија деловните субјекти бараат петтиот пакет на економски мерки да содржи мерки за одржување на ликвидноста, мерки за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените. Сојузот на стопански комори на Македонија до Владата ќе достави предлозите кои ги доставија претпријатијата за петтиот пакет на економски мерки.

Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци. Потребно е и да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината“, велат од ССКМ.

Апелираат за ефикасна и ефективна имплементација на мерките за намалување на сивата економија, што, како што велат е неопходно, особено во услови на криза за да се избегне даночна евазија.

„Не е добро средствата за поттикнување на потрошувачката да завршуваат кај нерегистрирани субјекти кои не придонесуваат во државниот буџет. Потребно е и да се интензивираат и активностите поврзани со имплементација на укинувањето на парафискалните давачки кои се дополнителен товар сред криза кога значително е намалена деловната активност на претпријатијата. Неопходно е и да се подобри динамиката на имплементација на мерките од четвртиот пакет, бидејќи некои од нив како таа за државната кредитна гаранција се уште не се имплементирани.

Апелираме петтиот пакет на економски мерки да се донесе во јануари, со цел обезбедување на предвидливост и сигурност, што е особено важно за планирање на активностите на економските субјекти за наредниот период. Тоа е важно за да нема прекин кај економските оператори кои немаат воопшто никакви или имаат значително намалени приходи поради рестриктивните мерки, на кои овие средства им се неопходни за да се зачуваат работните места“, порачаа од ССК.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести