7.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

Среќата е во обичните нешта

Најчитани вести

Аљоша Симјановски

Во рангирањето според параметрите за индексот на среќа извршено пред некоја година, во 151 земја, Македонија се нашла на 143-то место, а Македонците, како по правило, длабоко потонати во незадоволство и очај, Според анализите и оцените на анкетата, македонскиот граѓанин во основа е многу незадоволен и несреќен човек. Згора на тоа е и религиозен, молчелив, трпелив, уплашен. Според домашните медиумски експерти психолози, тие својата несреќа ја чуваат љубоморно само за себе и за својот потесен семеен круг и ако треба, македонското „човече“ ќе се истури на своите, но нема да дозволи да се срамоти на улица. Хм! Хм! Уште една журналистичка дијагноза, во низата срамни, површни, душегрижни прикази, неразбирање на македонскиот космополитски дух, расположение, карактер, но и неговото трагично чувствување на светот, закопано во пластовите народни умотворби и вткаено во волшебните македонски балади и пеења, од кои извираат доблеста и мудроста според која среќа и вечна пролет не постојат. Постојат само проблесоци и мигови на радост, на трагичниот фон на минливоста и заборавот.
Резултатите од истражувањата со раширени раце ги дочекаа домицилните журналистички месии и гатачи и катастрофичари и, според извесни мислења и пишувања на „експерти“ и психолози аматери, Македонците се принудени со убедлива глума да си ги обезбедат лажниот социјален мир и лажниот привид за функционирањето на институциите на демократијата, сето тоа како перверзна фарса во која „од патриотски причини“ сите еднакво учествуваат. Сите заедно заробени во своевиден театар на апсурдот глумат и само ја потенцираат вистината дека Македонија денес не е само бивша туку е несреќна, тажна, мрачна и тотално лажна република.

И така, тука веќе сѐ е лажно: парламентот е сосем празен и лажен, судовите и судските процеси се монтирани, човековите права се декларативни, работничките права се непостојни, лажна ни е културата, лажна е и науката и лажни ни се и здравството и образованието. Лажен е секој квадратен сантиметар од архитектурата, на монументално глупавите државни згради, лажни се спомениците на минатото, а лажно е веќе и нашето минато, поради што е лажна и практично непостојна и нашата иднина.
Според анализите на „експертите психолози“, во македонската перверзна измамничка фикција – активно учествуваат и нашите странски набљудувачи, кои во своите оцени и извештаи бесрамно ја фалсификуваат и разубавуваат нашата стварност во нивните извештаи, за „бавниот“ раст на економијата, опишувајќи го со еуфемизми нашиот перформанс, и ни ги „даруваат“ оцените и потврдата за кредитниот рејтинг.
Повторно, бочен удар врз читателското достоинство во вид на журналистичка дијагноза и уште едно погрешно сфаќање и толкување на меката природа на Македонецот, повторно обид да се испровоцира и испреврти логиката за неговата пословична трпеливост, мудрост, како немање критичка свест и сопствен став кон реалитетите итн. Се пишува и се вреска за сѐ и сешто, освен за убавите работи, кои верувам ќе нѐ направат подобри луѓе, подобри сограѓани, соседи.
И така редум до недоглед од „пригодни“ колумни, текстови, блогови, реакции, описи за Македонија, во која се живее како во услови на „гасна комора, владеат неслобода на говор, медиумски мрак, диктатура“… и уште ред грди слики пред глобалниот поглед. Со усти полни мрачни квалификации за сопствената земја од устите и перата на „самопрогласени аналитичари експерти“ за македонските расположенија, поранешни високи функционери, амбасадори, директори на државни институции, новинари, истакнати личности од јавниот и општествениот живот, најголем дел од нив никнати и раснати и пораснати под ова исто небо, во систем на полувековен бескласен непотизам, потомци и привилегирани следбеници на светлите традиции на ослободителната антифашистичка епопеја и така до „недоглед“ незадоволници од денешницата, што го пополнуваат мозаикот со фрустрации, незадоволство поради губењето на привилегиите, нарушениот децениски комодитет, сѐ во име на народот, демократијата, слободата и поради необезбедена широка граѓанска согласност, широка расправа, политичка консензуална согласност, за сите прашања, од донесување на буџетот до одобрение и согласност за секој камен-темелник, чешма, камбанарија, црква.

Лошата слика и плукањето и бербатењето на својата земја, на разните форуми, јавниот дискурс, блогосферата, како политичко несвесно, барабар со европското лицемерство и со глобалистичката сурова неминовност, сето тоа впрегнато влегува во редовните глобални анализи за несреќата и очајот и им оди во прилог на оние што континуирано низ годините и вековите на овој мал голем народ и митски простор се обидува којзнае по кој пат да му ја одземе и реконфигурира надежта, јазикот го дели на две, да се сотре „зборот“, да го разнебити историското паметење, за да нѐ обезличи и оневозможи иднината и да нѐ претвори во вид геополитички фрактал, што подмолно ни се поттура и нуди како замена за оној останат дел од вечноста и спонтаноста, насловен како Македонија.
Во демократските општества ваквите извори и автори и нивните недоумици се третираат институционално. Народот, во чии име се колнат, се прашува. Тој суди и пресудува на демократски избори. А што се однесува до рејтинзите и индексите, за „утеха“ еден стих од рускиот волшебник на поетскиот збор Михаил Јурјевич Лермонтов: „Тагата е несреќа на чувствителниот свет“. А што се однесува до среќата, таа постои само во вид на среќни мигови и е во обичните нешта. Виртуелниот привид одново ме обзема и со она малку остаток на спонтаност, се претвора во наша единствена емоционалност. Надежта ги насетува неограничените можности во масмедиумската симулација и по сопствен избор ги вградува во сопственото битие.
За утеха и потврда на последниве редови, погледај го, ако сакаш се разбира драг читателу, сонгот со горенаведениот наслов: https://www.youtube.com/watch?v=frWcRBWVPvY

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com