Home Македонија Средба Османи-Брнабиќ: ОБСЕ ги поддржува реформските напори на Србија

Средба Османи-Брнабиќ: ОБСЕ ги поддржува реформските напори на Србија

by Журнал.мк

Спроведувањето на реформите, обезбедувањето на владеење на правото, слободата на медиумите, човековите права – вклучувајќи ги правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства – се главните области во кои ОБСЕ ќе продолжи да и дава поддршка на Србија.

Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на средбата со Премиерката Ана Брнабиќ, денеска во Белград.

Голем дел од мандатот на Мисијата на ОБСЕ во Србија е фокусиран на обезбедувањето и гарантирањето на човековите права и правата на националните малцинства и поддршката на националните власти за решавањето на овие прашања.

„Мисијата на ОБСЕ во Србија ќе продолжи да ја поддржува земјата за понатамошно интегрирање на националните малцинства во српското општество преку директна помош за спроведување на Акцискиот план за реализирање на правата на националните малцинства“, рече Османи.

Покрај тоа, соговорниците се осврнаа и на суштинската поддршка на земјата од страна на Мисијата на ОБСЕ во Србија и за спроведувањето на пописот, изборите на совети на националните малцинства како и за решавање на прашањата поврзани со Советот на албанското национално малцинство.

Османи и Брнабиќ разговараа за актуелните локални и регионални случувања, како и потребата од широк консензус помеѓу земјите учеснички во ОБСЕ за излез од сложената ситуација во којашто се наоѓа Организацијата.

„Наспроти сите предизвици, задоволство ми е што гледам одлична соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Србија и националните власти во рамки на експертизата на ОБСЕ. Се надевам дека ќе продолжите добро да ги користите капацитетите на ОБСЕ“, рече Османи.

Уште една од областите во која ОБСЕ ќе продолжи да дава поддршка на Србија е медиумската реформа и Стратегијата за медиуми 2020-2025 и Акцискиот план чија имплементација е клучна за плуралистичка и безбедна медиумска средина и пред сè безбедност на новинарите, додаде Османи.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More