36.8 C
Skopje
Tuesday, August 3, 2021

Србија во шок по смртта на четиригодишно дете кое го растргнаа ротвајлери

Најчитани вести

Српската јавност е во шок по трагичниот настан што се случи во градот Сента, на северот на земјата, каде две домашни кучиња смртно искасаа четиригодишно момче, еден ден по неговиот роденден.

Настанот што ја зави земјата во тага се случил кога во куќата дошол доставувач на пица, што мајката на детето ја нарачала за да го чести по повод роденденот. Се уште не се познати сите околности на трагедијата.

Според изјавата на мајката, Мартина Б., таа му кажала на момчето да ја затвори капијата, кога двата ротвајлера, кои биле затворени во боксови, се вознемириле, излегле од затворените живеалишта и го нападнале детето. Мајката се обидела да го заштити, но и таа била искасана од разјарените кучиња, велат извори од истрагата за српските медиуми.

Мајката повикала брза помош, детето било пренесено во болница, но набргу починало од тешките повреди. Кучињата-убијци, мажјак и женка, се успани, како и трето куче, доберман, кој не учествувал во нападот.

Медиумите потсетуваат дека во Србија често се случуваат напади на агресивни кучиња, а досега имало повеќе случаи кои завршиле со смртен исход.

Минатата година, напад на ротвајлер врз дете кое се шеташе со својата баба, беше снимен во Панчево, а за среќа немаше потешки последици, во голема мера поради присебноста на жената која го шеташе песот.

Во 2015 година, 67-годишна жена беше искасана до смрт во село кај Кикинда од нејзиното куче, мешанец на ротвајер и американски стафорд. Нејзиниот син тогаш изјави дека немале никакви проблеми со кучето и дека тоа било „мирно како јагне“. Жената е пронајдена во дворот од куќата, со бројни рани по целото тело и со откинати раце.

Незапаметен злостор се случил во 2008 година, кога жител на едно село кај Смедерево, по кавгата со пријател, ѝ рекол на сопругата да му го донесе кучето, ротвајлер, на кое му наредил да го нападне. Несреќниот човек починал откако песот го растргнал, а обдукцијата покажала дека жртвата била касната 68 пати. Убиецот, кој го фрлил телото на пријателот во бунар, а го убил и кучето, е осуден на 20 години затвор, потсетуваат српските медиуми.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести