7.8 C
Skopje
Monday, December 6, 2021

Спасовски тврди дека еден од уапсените во МВР имал секојдневни контакти со Мицкоски

Најчитани вести

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето на „Утрински брифинг“ рече дека еден од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој ваквата информација ја откри одговарајќи на прашањето зошто ја обвинува опозицијата дека правела опструкции на акцијата.

„Јас вчера побарав во моето јавно обраќање од страна на Обвинителството да ги испитаме сите овие активности. Ако излегувате како опозициска партија со какви било обвинувања, нудења документи, докази итн., а тоа не го правите во надлежниот орган, тоа е Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми пред сите, па и пред мене. Затоа треба системот да функционира, затоа реков дека треба да се даде одговор. Меѓутоа, ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска, непосредни и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено“, изјави Спасовски.

Тој рече дека ова го кажува според сознанијата и индициите кои ги има и тврди дека дел од документите со кои располага опозицијата се добиени преку тоа лице.

Во вчерашната акција МВР уапси 9 лица, а едно е во бегство. Овластени службеници и контролори од управните служби на МВР издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани кои до тој момент немале македонска патна исправа и така вкупно 215 лица, од кои 214 се странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку посредник надвор од МВР. Меѓу оние кои добиваме македонски пасочи има членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели.

Спасовски денеска рече дека во координација со партнерите акцијата требало да ја спроведат за неколку дена, но поради обидот за сузбивање од опозицијата била спроведена вчера. Сепак, тој ја оценува како успешна и тврди дека кругот во МВР кој бил дел од оваа група е затворен.

„Внатре во институцијата (МВР) кругот е затворен, сега одиме со најверојатно проширување на истрагата за да ги видиме сите други аспекти. Заедно со обвинителот идејата беше да се реализира акцијата заеднички и во другите земји, но заради овој обид за саботажа ние го пресековме тој канал и за среќа е завршено успешно“,рече Спасовски.

Според него оваа истрага била започната одамна, во неа се вклучиле странски организации и Интерпол.

„Во еден момент некој излегува во јавноста со брифинг и ја открива акцијата и јас не можам да заклучам друго освен дека тоа е саботажа. За да освои политички поен ВМРО ДПМНЕ ја издаде акцијата, значи работи против државата и граѓаните“, оцени министерот.

Тој соопшти притоа дека сумата за издавање на пасош се движела и до 20 илјади евра.

„Осомничените издавале лажни пасоши исклучиво за пари. Сумата се движела и до 20 илјади евра. Знаете дека во изминатите месеци беа уапсени лица за издавање на фалсификат возачки дозволи за сума од 1.500 до 2.000 евра“, рече Спасовски.

Поранешниот технички министер Наќе Чулев реагираше преку социјалните мрежи, тврдејќи дека на министерот му оставил комплетирана истрага за случајот, но веќе една година ништо не е преземено. Наспроти министерот Спасовски кој објави дека истрагата почнала во февруари 2019 година, Чулев, која стана технички министер за внатрешни работи на трети јануари 2020 година, порача дека Спасовски имал „речиси цели четири години за да ја заврши истрагата“, со што имплицира дека таа била започната многу порано.

-Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели. Токму тоа со своето нестручно, непрофесионално и зачудувачки незаинтересирано и дефокусирано однесување го овозможи актуелното раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски кој имаше речиси цели 4 години за да ја заврши истрагата, напиша Наќе Чулев.

Мицкоски пак претходно ја обвини Владата дека владата давала закрила и соработувала со нарко босови.

„Дојче Веле“ денес, од извори на истрагата, објави дека меѓу тие што се приведени има жени и мажи, Македонци, Албанци и Бошњаци кои во критичниот период покажувале многу знаци дека финансиски не егзистираат само од платата во МВР: возеле скапи и луксузни автомобили, купувале недвижен имот и слично.

Меѓу добитниците на незаконски добиени патни исправи кои ги обелодени ВМРО-ДПМНЕ, се две од 215-те лица: едниот е Јован Вукотиќ од Котор, водач на озлогласениот црногорски Шкаљарски клан за трговија со дрога, и турчинот Седат Пекер кој добил патна исправа на име Џадин Адемовски. И двајцата во матичните земји се поврзани со криминални скандали, бегства и затворски казни. Шкаљарскиот клан, покрај шверцот на дрога е познат по ривалството со Кавачкиот клан, а убиствени пресметки на нивни членови завршуваат во многу градови во регионот и европски земји. Последните ликвидации се одиграа лани во Атина, кога во ресторан беа убени двајца членови на Шкаљарскиот клан.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com