7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Спасовски: Државата е подготвена за прифаќање украински бегалци

Најчитани вести

Државата е целосно подготвена доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци, тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

По учеството на настанот, програма за миграции „Хуманитарен аспект на мешани миграциски текови” што се одржува во Струга во организација на Црвениот крст на Република Македонија, денеска одговарајќи на новинаркси прашања Спасовски посочи дека државата има активирано Директива за привремена заштита и покрај тврдењата на Здружението на млади правници дека Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина ја немаат активирано таа директива.

– Не, ние имаме активирано таков механизам како држава. Целосно сме подготвени. Имаме влез на околу 21 илјада украински државјани на територијата на државата, пред се, кои се во роднински или пријателски врски со наши државјани, а дел од нив работат во ИТ компании кои доаѓаат тука. Има мал број на лица коишто поднеле барање и им се издава престој од хуманитарни причини. Меѓутоа, како држава сме целосно подготвени доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци, изјави Спасовски.

Зоран Дранговски од Македонско здружение на млади правници посочи дека располагаат со бројка од неколку илјади украинци, кои претстојуваат и оти се соочуваат со сериозни потешкотии во земјава.

– Земјите од ЕУ ја активираа т.н Директива за привремена заштита која ја има и во нашиот Закон за меѓународна заштита, меѓутоа Република Македонија не ја активираше таа заштита и практично бегалците од Украина се оставени сами да се снаоѓаат со решенија во однос на нивниот статус. Еден дел од нив веќе аплицираа за привремена заштита, еден друг вид заштита кој се дава согласно Законот за странци, не е заштита од типот како за бегалци наменета, бидејќи со оваа заштита тие неможат да работат, да користат здравствено осигурување, освен ако не си плаќаат сами приватно, не можат да добиваат бесплатно образование итн, рече Дранговски.

Најголем дел, нагласи, држава ги третираме како туристи.

– Тие се влезени тука согласно тој престој од три месеци, немаме информации дали сите регулирале престој или не, но нема државата посебен систем кој ќе овозможи заштита на бегалците од Украина. Иако постои редовната постапка за добивање на право на азил, мал број се одлучиле да побараат азил, според информациите со кои ние рапсолагаме, и незнаеме од кои причини, можеби сеуште се во очекување на една ваква колективна заштита која Македонија треба да им ја пружи на овие бегалци, додаде Дранговки.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити информира дека во Република Македонија се присутни околу 250 до 300 лица од Украина.

– За нив комплетно се грижи Црвениот крст во смисла на помош и поддршка во делот на хуманитарните потреби и здравствената грижа. Подготвени сме имаме обезбедени средства и луѓе, до крај да им излеземе во пресрет. Работиме на проширување на нашите услуги кон нив, подготвуваме просторија за децата украинци да пристапиме на еден поинаков начин, да ги задоволиме нивните потреби на таа возраст, рече Саити.

Во однос на бројката од над пет милиони бегалци, кои се наоѓаат на територијата на Турција, министерот за внатрешни работи Спасовки посочи дека се потенцијален проблем и за нашата држава, но и за регионот и за Европската унија.

– Затоа е од исклучителна важност како ќе функционира договорот ЕУ и Турција. Јас се надевам дека како и досега успешно ќе се менаџираат тие односи се со цел да не се предизвикаат поголеми предизвици пред сите нас да стојат во делот на справувањето со миграцијата. Сакам да напоменам дека сите овие мерки коишто ние ги преземаме се мерки за справување со последици од миграцијата. Ова не се мерки за решение на проблемот. Проблемот со миграцијата треба да се решава од изворот, нагласи Спасовски.

Според министерот, низ територијата на нашата држава од 2015 до јануари 2016 година поминале околу 1.100.000 лица.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести