25.8 C
Skopje
Tuesday, September 28, 2021

Со филмовите „Мизерикордија“ и „И сѐ стана песна“ ќе биде отворен фестивалот „Македокс“

Најчитани вести

Со проекцијата на документарните филмови „Мизерикордија“ (Шпанија, Бразил/2019/22 мин.) на Ксавиер Марадес и „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/2019/92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи во Куршумли ан ќе биде отворено 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

Краткиот документарец „Мизерикордија“ открива портрет на една заедница насликан со сништата на нејзините жители. Режисерот поминува три месеци на островот Итапарика во државата Бахија, Бразил, собирајќи соништа од луѓе чии животи ги снима секојдневно. Спојот на сонот и документарното создава уште една реалност што му припаѓа на магичното: сон на соништата, филм што ги опишува волшепствата и наследството од Бахија, африканското срце на Бразил.

Документарецот „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/2019/92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи се прикажува во селекцијата „Нови автори“. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот The Hope Six на познатата музичарка Пи Џеј Харви.

Харви, писателка и музичарка, и наградуваниот фотограф Шејмус Марфи ги сплотуваат/здружуваат своите креативни потенцијали и тргнуваат на пат минувајќи низ Авганистан, Косово и Вашингтон. Харви собира зборови, а Марфи слики. Кога ќе се вратат дома, зборовите стануваат поезија, па песни, па албум кој е снимен како неповторлив уметнички експеримент во Сомерсет Хаус, Лондон.
По проекцијата на филмот, ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика, со Џорџа Поли како специјална гостинка.

Претходница на филмската програма е фотоизложбата „Македокс временска машина“.

„На десеттото патувачко кино на ’Македокс‘, продолжувајќи ја традицијата на првите киноприкажувачи, правевме фотографии со една прастара технологија. Ги ставивме современите лица во една постара рамка и најчесто во рамките се засекогаш овековечени љубезните домаќини и љубопитните гости во еден кадар. Магијата што настана можеби и не е достапна за сите и не е зависна од техничкиот, ами од човечкиот квалитет кој е внесен во секоја фотографија. Секоја прашинка и лоша експозиција на стаклените плочи носат дополнителна информација за речиси неверојатните услови за правење фотографии на ваков начин, како и за неизмерната стрпливост и убава енергија на сите фотографирани. Затоа нивната вредност е непроценлива. Скенирани, овие фотографии имаат многу изгубено од својата убавина, но, секако, ќе можете да ги видите во Куршимли ан, во оригинал“, открива авторот на изложбата, Сашо Н. Алушевски.

Фестивалот „Македокс“ од 21 до 28 август ќе се одвива со мотото „Десет лета Македокс“.

Јубилејното издание на „Македокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, „Креативна Европа – медија“, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музејот на РСМ, Археолошкиот музеј на РСМ, Националната галерија, МНТ, Гете-институтот, Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, италијанска амбасада во Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Скопје, Чешкиот центар Софија, Град Скопје, Амбасадата на Република Словенија во Скопје, Current Time TV.
Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан“, киното „Култура“, МКЦ и Кинотеката на РСМ.
Медиумски покровители на фестивалот се „Слободен печат“, „Нова Македонија“, „Плус инфо“, „Сакам да кажам.мк“, „МКД.мк“, „Окно“, „Е-магазин“, „Плагиј.ат“, „Его“, радио МОФ, радио „Антена 5“, „Канал 103“, радио „Џез ФМ“, радио „Бубамара“, „Лајф радио“, „Види вака“, „Гледај.мк“ и PopUp.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com