21.8 C
Skopje
Tuesday, June 15, 2021

Со секое изгубено работно место расте и сиромаштијата

Најчитани вести

Од: Петранка Огнаноска

Ниту растот на бројот на невработени во земјава, ниту најавите за нови откази не ги натераа народните избраници да се договорат и да ги изгласаат законите неопходни за поддршка на компаниите и на граѓаните. Причините, состојбите, расправањата и меѓусебните условувања секојдневно ја окупираат македонската јавност, но и понатаму останува нејасно зошто меѓупартиската борба се води врз грбот на работниците, врз грбот на оние што го полнат буџетот, врз маката на лицата што ги обезбедуваат пратеничките плати. И покрај многубројните апели испратени од компаниите, од здруженијата, но и од разни истражувачки центри што истакнуваат дека сега го доведуваме во ризик понатамошното зачувување на работните места, народните избраници останаа долг период глуви на нивните барања. И токму кога се доби впечаток дека најпосле е постигнат договор, нова кочница, нова блокада. Расправањата меѓу народните избраници како да немаат крај, а очигледно ниту показателите за раст на невработеноста, ниту пак апелите на засегнатите не ги поттикнаа да покажат разбирање за оние што чекаат средства за егзистенција.
Статистиките поврзани со бројот на невработени во земјава покажуваат дека бројот на одјавени работници расте од месец на месец, но истовремено расте и бројот на лица што досега не биле вработени.

Од почетокот на кризата бројот на невработени лица се зголемил за над 53 илјади, и тоа од февруари минатата година, кога во Агенцијата за вработување биле пријавени 105.816 граѓани како активни баратели на работа, до февруари оваа година, кога бројот на активни баратели на работа достигнал до 159.608. Иако од Агенцијата истакнуваат дека како резултат на корона-кризата во периодот од март минатата година досега без работа останале 18.266 лица, кои се всушност лицата што биле одјавени од своето работно место, сепак, вкупната бројка на нови активни баратели на работа е многу повисока. Без оглед дали станува збор за млади лица што претходно не биле воопшто вработени или, пак, за лица што работеле но не биле пријавени, проблематично во целата ситуација е што сѐ повеќе граѓани зависат од туѓа помош, немаат свои приходи и што мора да бараат социјална помош за да го преживеат месецот.
Причина плус поради која креаторите на политиките во земјава треба да бидат загрижени е и пролонгирањето на оваа здравствено-економска криза, која освен што атакува врз здравјето на граѓаните, се заканува со уште поголем раст на невработеноста, раст што неминовно и истовремено води и кон раст на сиромаштијата.
Од почетокот на оваа ковид-криза, чиј крај за жал сѐ уште не се наѕира, покрај здравствените мерки, кои првично беа насочени кон затворање одредени дејности, се наметна и потреба од поддршка на стопанството токму заради заштита и зачувување на работните места. Низ разни мерки Владата и институциите се обидуваа да зачуваат повеќе работни места, особено со мерките за поддршка на платите, која и беше оценета како една од најефикасните во оваа насока. Но со овие пролонгирања, сите досегашни напори може да станат залудни.

Имено, голем број компании алармираат дека поради рестриктивните мерки што се применуваат низ европските земји се намалени нарачките и намален е нивниот обем на работа, поради што стравуваат дека во следниот период, ако состојбите не се променат, ќе бидат принудени да го намалуваат бројот на вработените, или пак, уште полошо, целосно да ги затворат своите фирми. Меѓу најпогодените сектори е текстилниот, кој првично успеа да се снајде и да обезбеди работа преку шиење маски или друга заштитна опрема, а со тоа и егзистенција и за вработените и за газдите. Сепак, во последниве месеци тие алармираат дека резервите сѐ уште стојат, а нови нарачки нема, што ги води кон колапс. А текстилците не се единствените. Напротив, сѐ уште има сектори што воопшто не профункционирале по првичните затворања и кои, и покрај барањата за утврдување протоколи, сѐ уште немаат дозволи за работа. Големите ресторани не смеат да организираат свадби, а покрај нив уште голем број услужни дејности работат со намалено темпо или, пак, воопшто не работат. Туристичкиот сектор, исто така, е под силен удар, странски гости речиси нема, а домашните, иако ја спасија летната сезона, сепак, зимава беа повоздржани при посетите на домашните зимски центри.
Без оглед кој сектор е повеќе, а кој помалку погоден од кризата, која директорката на ММФ Кристалина Георгиева ја нарече најголема по Големата депресија, факт е дека штетите од кризата ќе се прелеат во сите сектори и, порано или подоцна, сите ќе го почувствуваат ударот.

Иако можеби на пратениците им изгледа дека тие, засега, се имуни на кризата и дека нивните примања се загарантирани, треба да се свесни оти нивните плати и платите на сите граѓаните што работат во јавната администрација се обезбедени благодарение на вработените во приватниот сектор. Досега на сите требало да им стане јасно оти ако се намалува бројот на пријавени работници и ако продолжи да се намалува економскиот раст, ќе се намалат и приливите во државниот буџет, а тоа неминовно ќе се одрази и врз платите во јавниот сектор. Но некои, очигледно, или не можат или не сакаат да се соочат со реалноста.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести