Со пораки за единство одбележан Денот на независноста, од утре нови обиди за носење на Законот за ЈО

Share on facebook
Share on twitter
Share on whatsapp
Share on google
Share on linkedin
Share on email
Share on print

Со пораки за единство, повторно обединување на сите како на денот кога во 1991 година беше прогласена независноста, но сега сплотени во стратешките цели и просперитетот на земјата, но и со критики од опозицијата поради промената на името и економската состојба вчера беше одбележан 8 Септември – Денот на независноста, а од утре се очекува власта и опозицијата да ги интезивираат напорите за донесување на Законот за јавно обвинителство.

Целосна посветеност на стратешките цели на земјата – влез во НАТО и ЕУ, но и натамошно чекорење на патот на безбедна, стабилна, сигурна, мирна и пријателска земја, во која сите заеднички ќе се борат против сиромаштијата и корупцијата, против загадувањето и за подобра економска состојба, побара вчера премиерот Зоран Заев од секој поединец во земјава, но и од политичките чинители, земјоделците, бизнисмените, жените на прославата на Денот на независноста – 8 Септември, што се одржа на Школка во Градскиот парк во Скопје.

-Кога разговараме и дебатираме за безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна, европска Северна Македонија, не разговараме за држава на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ или за држава на која било друга политичка партија. Ако сме сите посветени на исти, стратешки цели за нашата држава, за сите наши граѓани, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има толку длабоки делби меѓу нас, порача премиерот Заев.

ВМРО-ДПМНЕ во својата честитка денешните времиња ги нарече турбулентни, времиња кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата.

-Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум, се вели во честитката на ВМРО-ДПМНЕ, во која се додава дека Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото.

По одбележувањето на 28-годишнината од независноста, според најавите, можна е лидерска средба на која премиерот и лидер на СДСМ Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе седнат на маса да ги испеглаат разликите околу јавно обвинителскиот систем во земјава.

Заев вчера во пораката за Денот на независноста меѓу другото изрази и увереност дека земјата има капацитет со двотретинско мнозинство да го донесеме и Законот за јавно обвинителство.

– Сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата правна држава, истакна премиерот.

Заев во петокот не ја исклучи можност за лидерска средба, ако има потреба за тоа, но нагласи дека сепак треба да се даде шанса за решение по законски пат.

Прашан дали има план Б или 80 пратеници, премиерот Заев, рече дека не размислувал за тоа бидејќи треба да се даде шанса за решение по законски пат.

-Да му дадеме шанса на законот. Да преговараме до крај и да не се избрзува со разрешувања, оставки и слично. Имаме седум дена. Треба да се најде решение. Голем дел од финесите се решени, порача Заев во петокот.

Поради скратените рокови Законот за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

И за ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата налага лидерите да седнат на заедничка маса за да може да се донесе законското решение.

Последната средба на работните групи на власта и опозицијата за законот, која се одржа во петокот, не вроди со суштествен заклучок.

-На денешната средба немаше нешто со што суштествено се расчисти или се донесе некој посебен заклучок, така што носењето на законот е се уште неизвесно зашто не можеа да се затворат ниту прашања за трансферот на луѓе кои би останале од СЈО, вработените, јавните обвинители, изјави министерката за правда Рената Дескоска по завршувањето на средбата.

Министерката рече дека денеска немале ангажиран партнер за разговор со кој би можеле да водат суштинска дебата, очекува исчекор од вторник и дека остануваат посветени на носењето на законот за јавно обвинителство.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е дел од групата за Законот за обвинителство, изјави дека и натаму се далеку од договор со власта.

– Имавме повторно средба на која се дискутираше предлог-законот за обвинителство, и клучните разлики остануваат без заеднички консензус. Имаме цврсти аргументи да понудиме консензус за прифаќање квалитетен Закон за обвинителство, но најмногу зависи од политичката волја и од Министерството за правда. Ме зачудува што од коалицијата СДСМ или ДУИ поднесуваат амандмани кои Владата веќе ги прифатила, рече Милошоски.

Според него, писмата од обвинителката Катица Јанева не се нејзина самостојна иницијатива, туку, како што рече, „добро кооординирана акција“.

А за Заев писмото од Катица Јанева од истражниот затвор за префрлање на предметите од СЈО во ЈО може само позитивно да влијае врз преговорите меѓу власта и опозицијата.

СЈО по писмата на Јанева од утре го очекува дописот на Државното обвинителство за промопредавање на предметите.

Јавното обвинителство во петокот го прифати барањето на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева да ги преземе предметите на СЈО.

Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје како осомничена за случајот „Рекет“, во средата даде полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство. Со полномошното ги овластува обвинителите во СЈО да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите и тоа кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Примопредавањето на предметите од СЈО во државното јавно обвинителство, како што најави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе се врши предмет по предмет. Тој во изјава за Сител рече дека не очекува процесот да трае долго и дека Обвинителството има капацитет да ги преземе и да постаува соодветно по предметите.

Ж.А.

Оставете коментар

Актуелно

@2019 – Новинска агенција ЖУРНАЛ. Сите права се задржани.

Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.