Во нова акција на хрватската полиција и Ускок во Муртер, уапсен е градоначалникот на хрватската општина Муртер – Корнати, Тони Турчинов и еден претприемач.
Се претресуваат куќи, станови и деловни простории, а потоа осомничените ќе бидат донесени на распит.
Апсењето на Турчинов за загрепската телевизија N1 го потврдил неговиот адвокат Фран Олујиќ. Тој кажал дека се претресува куќата на неговиот клиент, но дека не знае за што го обвинуваат, пренесува „Блиц.рс“.
Според неофицијални информации постојат сомнежи за финансиски малверзации од страна на Турчинов поврзани со трошење општински пари.
Хрватските медиуми потсетуваат дека Турчинов во април 2019 година извршил уплата во јавна куќа во Австрија со службена картичка на општина Муртер. Тој во австрискиот клуб Ла Кокот потроши 560 буџетски евра.
Турчинов тогаш тврдел дека картичката по грешка ја користел во клубот бидејќи била слична на неговата приватна картичка и дека лично ги покривал трошоците за сместување на општинската делегација во хотел во Клагенфурт за да ја обештети општината. Хотелот ја оспори автентичноста на сметката за медиумите.
По избивањето на аферата, тој најави дека се повлекува од советничката функција во жупаниското собрание, но и дека со поддршка од колегите и сограѓаните ќе продолжи да работи на проектите што ги започнал во Општината Муртер – Корнати. Со други зборови, тој остана градоначалник.
Во јули, началникот на полицијата, Никола Милина, потврди дека Националната полициска служба за сузбивање на корупција и организиран криминал спроведува истраги како дел од проверката на информациите дека градоначалникот на Муртер, Тони Турчинов ја користел општинската картичка за погрешна цел.
- Полицијата постапува врз основа на барањето на УСКОК дека се занимава со можни кривични дела во надлежност на УСКОК – рече Милина.