Состојбата со поплавите во Словенија не е подобрена. Многу реки во централна, северна и источна Словенија сè уште се поплавуваат, јавија локалните медиуми. Реката Сава се поплавува во поголеми размери, во долниот тек во наредните часови ќе го достигне својот најголем проток.
Во текот на ноќта евидентирани се бројни интервенции низ државата, дежурни екипи и надлежни служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помагање на населението, јавија словенечките медиуми.
Министерот за одбрана Марјан Шарец на прес-конференција синоќа најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.
Денеска ќе заседава Советот за национална безбедност, а потоа и Владата.
Според предвидувањата на премиерот Роберт Голоб, ќе биде прифатен предлогот за измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди, кој првично беше планиран по одморите.