9.8 C
Skopje
Monday, September 27, 2021

Состојбата со коронавирусот во земјава стабилна, се очекува мирно лето, но да се почитуваат мерките

Најчитани вести

Претстојните летни месеци епидемиолошката ситуација ќе биде  мирна. Состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна и нема никакви знаци дека нешто ја влошува, оценува министерот за здравство Венко Филипче, но апелира граѓаните да бидат претпазливи, да ги почитуваат мерките оти секогаш може да се јави мутација на вирусот која би била позаразна од оние кои циркулираа.

Од Министерството за здравство пак, вчера информираа дека во последните 24 часа се направени 3.109 тестирања, а регистрирани се 16 нови случаи на КОВИД-19. Оздравени се 38 и седум лица се починати. Досега во земјата се направени вкупно 807.837 тестирања на Ковид-19.

Како што информира вчера Министерството за здравство, бројот на приеми во изминативе денови се намалува  и до вчера до 8 часот имало 88 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка. Во ковид-центрите во болниците низ земјава, беше соопштено вчера, е пријавено дека се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.379, бројката на оздравени пациенти е 148.910, на починати е 5.442, а бројот на активни случаи изнесува 1.027. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 140 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид-центрите. Од нив 57 се лекуваат во болниците во Скопје, а 83 во останатите градови.

Министерот Филипче вчера посочи дека здравствените установи се вратија на своите примарни дејности и потенцира дека сега не се чувствува наплив на пациенти со други заболувања затоа што сите болници покрај што лекувале од КОВИД-19 давале услуги од својата примарна дејност.

Тој нагласи дека и покрај подобрување на епидемиолошката ситуација во земјава  засега не се планира да се дозволи работа на затворените делови на угостителските објекти.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а според вчера објавените податоци бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 438 879 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 243 832 граѓани.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Филипче вчера информира дека од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500.000 вакцини „Синовак“.

– Секој понеделник пристигнува пратка на вакцините „Фајзер“ и тоа е согласно нашиот билатерален договор, дополнет со количината која доаѓа преку системот за солидарност на земјите членки на ЕУ, тоа се околу 10.000 вакцини. Веројатно и следните недели ќе биде таа количина. Дополнително, во јуни треба да пристигнат околу 100.000 вакцини преку КОВАКС механизмот. Сè уште немаме точен датум и динамика на пристигнување на вакцините. За руските вакцини уште немаме информации кога треба да ги очекуваме, соопшти Филипче.

За поголемиот број на граѓани кои треба да се ревакцинираат од 17 до 20 јуни во Србија, Филипче рече дека разговарал со неговиот српски колега Лончар, за нив да се организира вакцинален пункт, кој би бил поблиску до границата, во Врање или во Ниш.

Тој информира дека на веб-страницата за ревакцинација во други држави се пријавиле околу 1000 наши граѓани.

И рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин вчера соопшти дека очекува во блиска иднина да пристигнат нови пратки на вакцината „Спутник В“ во земјава.

Како што нагласи тој, одговарајќи на новинарско прашање, руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на вакцините во рокот утврден со договорот.

-Распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна. Сепак, Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции околу испораките на вакцините. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на „Спутник В“, истакна вчера амбасадорот по пристигнувањето на авионот на новата воспоставена авиолинија Москва-Скопје.

Тој потсети дека Руската Федерација планира на земјава да испорача 200 илјади дози „Спутник В“.

МИА

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com