25.8 C
Skopje
Thursday, July 7, 2022

Создавање на широк фронт за поддршка на стручни вештини и зелени иновации

Најчитани вести

Стручните вештините се клуч за побрза зелена транзиција на економијата и општеството воопшто и затоа e неопходно сите засегнати страни активно и интензивно да работат на нивно развивање и вклучување во наставните програми и образовните процеси, беше заклучокот од трибината која на тема „Вештини за зелен град“ се организираше во рамки на иницијативата Европска недела на стручни вештини и проектот ,,Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET”.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска истакна дека во последните неколку години е видливо созревањето на општествената свест за улогата на здравата животна средина за подобар и поквалитетен живот на граѓаните.

„Заштитата на животната средина треба и мора да биде интегрирана во сите сектори и во сите секторски политики. Зелениот развој бара брза и праведна транзиција кон зелена економија која наложува користење на обновливи извори на енергија и воведување на циркуларна економија во насока на одржлив развој на општеството. Овие промени условуваат и промени во образовниот процес односно прекфалификација и доквалификација на стручните вештини. Стручната подготовка и усовршувањето мора да ги следи потребите, да обезбеди разбирање и знаење, развивање на иновативниот пристап и примена на иновативни техники и технологии во производните процеси. Од таа гледна точка сметам дека проектите како што е Гриновет се од исклучителна важност“, изјави Оџаклиеска.

Таа истакна транзицијата кон зелената економија наметнува и потребата за отворање на нови зелени работни места и тоа речиси 80.000 до 2030 година и 10.000 до 2035 година. За Воспоставувањето на зелени работни места бара дефинирање на терминот и промени во националната квалификација на работни места.

Директор на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари истакна дека веќе е воведена квалификација за техничар за заштита на животна средина преку која се обезбедува стручен кадар за оваа област, а учениците се оспособуваат по завршување на секој технолошки процес да знаат како да постапат со отпадот, за да не биде штетен за околината.

„Искуството покажува дека соработката со бизнис секторот може значително да придонесе за промоција на стручното образование. Во таа насока би споделил податоци кои покажуваат дека во 2020 година имало 11 дуални паралелки, во учебната 2021/2022 година тој број пораснал на 97 паралелки, а оваа година се очекува да има повеќе од 200 дуални паралелки. Бројот на ученици кои се запишани во средните стручни училишта за само една година е зголемен за шест проценти“, истакна Мифтари.

На трибината се обрати и активистот за заштита на животна средина и креатор на апликацијата „Мој воздух“, и советник во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски.

„Образовниот систем мора многу посериозно да се насочи и посвети на овие прашања. Мене ми е драго што гледам дека има поголема возбуда околу зелените теми, зелени бизниси, околу тоа како да ги насочиме студентите да размислуваат како да придонесат кон циркуларна и зелена економија. Студентите треба да знаат дека има институции кои ќе го поддржат во реализацијата на овие идеи, како што се Фонд за иновации, зелени грантови, акцелератори. Истражете ги овие можности и презентирајте ги пред студентите“, им порача Јовановски на професорите кои беа присутни на настанот.

Доц. д-р Трајче Велковски зборуваше за формирањето на Центарот за извонредност на стручно образование и обука за развој на зелени иновации, кој се воспостави на Машинскиот факултет во Скопје, како еден од вкупно четири вакви центри во Европа.

„Треба да се потенцира дека постои значајноста и потреба за насочување на младите кон развој на зелени иновации, кои придонесуваат кон креирање клучни производи, услуги или процеси за намалување на штетата, влијанието на околината, во исто време оптимизирајќи ја употребата на природните ресурси. Да ги научиме младите и идните генерации да создаваат иновации кои ќе бидат основните двигатели за креирање на иновативна, инклузивна и одржлива економија“, рече Велковски.

Радмил Поленаковиќ, професор на Машинскиот факултет истакна дека постои позитивна атмосфера за развој на стручни вештини и зелени иновации и дека со заеднички пристап на сите засегнати страни и со поддршка на медиуми таа треба да добие поголема димензија.

„Зелени вештини, дигитални вештини, претприемачки вештини и животни вештини тоа треба да биде темелот на кој ќе се гради образованието во иднина“ истакна Поленаковиќ, која најави и обуки за наставниците за стекнување на зелени вештини, кои потоа ќе може да бидат пренесени на учениците.

Европската недела за стручни вештини почна да се организира 2016 година, како иницијативата на Европската комисија со цел ги собере на едно место сите засегнати страни – наставници, организации, студенти и обучувачи – заедно под еден чадор – за да ги прикаже придобивките на стручното образовани и обука. Оваа година настанот се одржува од 16 до 20 мај во повеќе европски држави, а фокус е ставен на промоција на стручното образование и обука и зелена транзиција.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com