Повеќе години наназад е сменета структурата на туристите коишто го посетуваат Охрид. Кога станува збор за странците преовладува сениорската популација за која е многу важно културното наследство и тие според истражувањата се заинтересирани за кус престој во градот. Од друга страна кога станува збор за домашните туристи може да се рече дека драстично се намалени семејните престои во индивидуалните сместувачки капацитети, а преовладуваат помлади лица.
„Имаме млада популација која едноставно надојде врз основа на фактот дека куповната моќ на населението опадна и луѓето сега практикуваат барем младите да дојдат“, изјави проф.д-р Науме Мариноски, туристички експерт.
Што се однесува до елитниот туризам Мариноски вели дека тој треба да се прифати условно, а не како апсолутна категорија. Според него ако под елитизам го подразбираме оној од најразвиените туристички дестинации тоа ниту ни е потребно, ниту е возможно.
„Во онаа условна смисла на елитизмот е потребно да се развива, да се подобрува квалитетот и тоа може да се постигне. Тоа не е спорно, меѓутоа ние не можеме да пледираме на некои мегаломански карактеристики што ги има елитизмот во светот затоа што едноставно капацитетите се сосема мали. Вие не можете да се споредувате со елитните хотели кои ги имаме во такви дестинации“, додава туристичкиот експерт проф. д-р Науме Мариноски.
Неможноста да се развива елитен туризам треба да се надомести со перманентно подобрување на хотелските капацитети и квалитетни угостителски услуги што секако ќе придонесе барем да не вбројуваат во поквалитетните туристички дестинации.