20.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Скопје и Тирана му одржаа лекција по европски вредности на Брисел, Софија тоне во фашо-сталинистичкото минато

Најчитани вести

Автор: ЏАБИР ДЕРАЛА

Ако сакаше Бугарија да покаже дека го напуштила своето мрачно минато (и фашистичко и сталинистичко) и дека не игра по руски ноти во сегашноста, не требаше да си дозволи ваква агресија против Северна Македонија.

Можеме да бидеме горди на патот кој го изминавме досега. На 23 јуни, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, победи конструктивниот, мирољубив и умерен пристап што го негуваат прогресивните политичари и интелектуалци последниве пет години во Северна Македонија.

Точно е дека нема да ги започнеме преговорите за зачленување во ЕУ, но тоа не е наш пораз. Тоа што Северна Македонија и Албанија не продолжуваат понатаму е тежок пораз и срам за ЕУ и Бугарија. Тие се поразени и посрамотени. Одлуката што ја соопшти македонскиот премиер Димитар Ковачевски е повеќе од оправдана. За голема почит е и поддршката Албанија и изјавите на тој голем балкански фраер, Еди Рама.

Тоа не значи дека нашиот европски пат изостанува, напротив, сега сме повеќе Европа од кога и да е порано. Европа во која се почитуваат идентитетот и достоинството на сите, без оглед на нивната големина и богатство. Ние сме повеќе од кога и да е поблиску до исполнување на сите услови, не за почеток на преговори, туку за полноправно членство. Иако ова може да звучи претерано, точно е најмалку ако се споредиме со тоа во каква состојба се сега некои ЕУ земји, почнувајќи од Бугарија. А ако погледнеме какви беа Бугарија и неколку други земји на почетокот од нивното ЕУ членство, ние сме навистина неспоредливо подобри и го заслужуваме тоа членство.

Иако е крајно негативен развојот на ситуацијата, не треба да очајуваме. Спремноста за дијалог, наместо конфронтација, решавање на споровите, наместо нивно продлабочување кои во македонската политичка реалност ги воведе Зоран Заев. Тоа на Северна Македонија ѝ донесоа голема предност. Нашата земја денес има повеќе пријатели и поддржувачи во Европа и во светот од кога и да е порано.

Го надминавме деценискиот спор со Грција која сега е партнер. Развивме добрососедски односи со Албанија, Косово и Србија. Северна Македонија е лидер во регионот со иницијативата Отворен Балкан во која, освен Албанија и Србија, сега се приближува и Црна Гора, што значи 4 од 6 земји во регионот до скоро потонат во непријателства и крвопролевања. Покажавме како е да се биде мал, а голем, дека политичката волја, дијалогот и добрите намери ги премостуваат до вчера непремостливите разлики. И станавме членка на НАТО што го запечати нашиот суверенитет и безбедноста.

И сега, фашо-сталинистите од Бугарија со своите џебови полни рубљи, го победија својот прогресивен и прозападен премиер, Кирил Петков, на највалкан можен начин. Онака, подмолно бугарски. Свесен сум за политичката некоректност во овој параграф, но тој ни оддалеку не се приближува кон разбојничката, агресорска природа на бугарската политика. По ѓаволите со нив!

Ни Франција не отстапи од клишето. Перфидноста на француската политика и дипломатија е позната низ историјата и сегашноста. Не отстапија ни милиметар од тоа што на познавачите на историјата им е добро познато. Што би рекол мојот комшија, државата им ја направија Американците и Британците по Втората светска војна во која речиси ни куршум не испукаа, па и дел од Германија им дадоа да администрираат (окупираат), но тоа е друга приказна. Знам дека не сум политички коректен, но сигурен сум и дека мојот комшија не погреши.

Изјавите на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји не би сакал ни да ги коментирам. Доволно е што поранешниот ЕУ амбасадор, големиот пријател на нашата земја, Ерван Фуере повика на негова оставка. Аналитичарот Флориан Бибер му кажа на Брисел дека нивниот однос кон Северна Македонија, Албанија, Косово, БиХ и другите, не е добар почеток на европската иднина на Украина и Молдавија на кои им дадоа кандидатски статус.

Да не заборавиме да им честитаме и на Украина и Молдавија за добиениот статус на земји кандидати за членство во ЕУ. Но наша морална обврска е да им кажеме дека треба да бидат претпазливи, бидејќи искуството на Македонија, како и на Албанија, со превртливиот Брисел е горчливо. Голем успех е да се стане земја кандидат за ЕУ, но тоа не значи многу повеќе од тоа.

Брисел не е место каде што се игра фер игра. Бугарија не е изговор. ЕУ можеше и имаше обврска да направи повеќе, многу повеќе.

Животот тече понатаму. Светот е во најголемата криза од Втората светска војна наваму. Добро е да се биде Европеец во ова мрачно доба. Можеби Брисел не се однесува европски, а Софија е заталкана во своето фашо-сталинистичко минато, но Северна Македонија, заедно со Албанија, држи лекција по европски вредности и интегритет и достоинство. Сега е време да се бориме да останеме европски, за рашистите да не ја преземат европската иднина на Северна Македонија и за грст рубљи да му ја стават на Путин во скут.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com