Развојот на Скопје мора да продолжи неизнасилено, со слушање на мислењето на граѓаните, стручни расправи, да има богато зеленило, за да може да стане модерен град, порача премиерот Зоран Заев по повод Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември.
Градењето и развојот на Скопје во иднина треба да продолжи умерено и да се слуша гласот на граѓаните. При тоа, во неговата внатрешност треба да има богато зеленило со цел градот да се развива модерно и онака како што сакаат неговите жители. Ова меѓудругото го порача премиерот Зоран Заев по повод денот на ослободувањето на Скопје.
– Масакар сме направиле заради тоа што градиме. Ние ќе го слушаме гласот на граѓаните. Мојата порака е градбата, развојот на Скопје мора да продолжи неизнасилено, умерено во дослух со граѓаните преку јавните анкети, преку стручните расправи, со богато зеленило внатре за да може главниот град модерно и убаво да се развива онака како што скопјани тоа го посакуваат. Слободата не би била комплетна ако не ни биде примамливо Скопје за живеење, за сите нас коишто доаѓаме времено во Скопје, но пред се на граѓаните на Скопје – изјави Заев.
Тој порача дека треба сите будно да следат, како градоначалниците кои имаат надлежност, пред се на советите што ги носат урбанистичките планови, но и јавноста, соседите на локациите, и сите заедно, како што рече, да го чуваме Скопје, да ја чуваме околината во која живееме заради тоа што тоа е наша обврска.
Денеска со положување цвеќе и низа свечености Град Скопје го одбележа 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. По тој повод, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева се сретнаа со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија.
Шилегов на средбата им се заблагодари на борците за несебичната и пожртвувана борба за слободата по која копнееле генерации скопјани, им пожела добро здравје и понатамошна успешна соработка. Градоначалникот Шилегов нагласил дека покажувајќи почит и внимание за ликот и делото на луѓето кои несебично ги положиле своите животи за нашата слобода покажуваме колку го сакаме сопствениот град и сопствената земја.
Цвеќе беше положено пред споменикот на ослободителите на Скопје, на Партизанските гробишта во 11 часот, на Алеjата на заслужните граѓани, на гробот на генерал Михајло Апостолски во Бутел и на споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.