8.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

„Скопје во високата зона“ е новата збирка раскази на Калина Малеска

Најчитани вести

„Скопје во високата зона“ е збирката раскази од Калина Малеска која излезе од печат од издавачката куќа „Или-или“.

Според издавачот, „Скопје во високата зона“ се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.

„Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на ‘очуднување’ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“…“, ќе посочи Лидија Капушевска-Дракулевска за книгата.

„Малеска создала еден вид скопски прозен „времеплов”, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор,  ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите“, пак, истакнува Владимир Мартиновски.

Калина Малеска, професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, е авторка на три збирки раскази: Недоразбирања (1998), Именување на инсектот (2008) и Мојот непријател Итар Пејо (2016), романите Бруно и боите (2006) и Призраци со срмени нишки (2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (2010), книгата за деца Арно ама (2018) и книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност (2020).

Дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е потпомогнато од Град Скопје.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com