21.8 C
Skopje
Friday, July 30, 2021

Скопје веќе не е за едните мајка за другите маќеа

Најчитани вести

Благодарение на напорите на градската администрација, развојот на Скопје е порамномерен. И левата и десната хемисфера на Скопје треба да продолжат да се развиваат рамномерно за да може мозокот на Македонија да функционира во интерес на сите граѓани на државата.

Често кога се движам низ моето старо маало во Чаир, ми се враќаат спомените од детството. Спомените кога во паркот во Чаир, на местото на сегашната зграда кај маркетот „Веро“, игравме фудбал по цел ден на импровизирани голови од камења. Спомените кога во дворот на црквата зад мојата куќа се дружевме Aлбанци, Бошњаци, Tурци, Македонци итн. Се сеќавам и кога на улицата во која пораснав („Цветан Димов“) имаше само една стара фурна (кај бабичката). Тогаш соленката што ја јадевме не мирисаше на горивото од автомобилот паркиран до самата маса. Оттогаш, Чаир се смени, Скопје се подели, а со тоа се сменија и се поделија и самите граѓани.

Интересен е фактот што Скопје во далечната историјата никогаш не бил препознатлив како поделен град, туку напротив, бил познат како град на соживотот и толеранцијата. Старото Скопје било поразвиено на левата страна на реката Вардар, и тоа како стратешко место во петвековниот отомански период. „Поделбата“ на левата и на десната страна на градот започнува дури по градењето на железницата во 1873 година, а тоа е периодот кога Скопје почнува да се урбанизира и од другата (десната) страна на реката. Периодот кога Скопје најмногу се издигна е периодот по катастрофалниот земјотрес во 1963, кога со обновата израснува во град на меѓународната солидарност. По независноста на Македонија, кога градската власт е во рацете на националистите, поделбата помеѓу левата и десната страна на Вардар станува сѐ повидлива, а тоа најмногу го чувствуваат скопјаните од левата страна на градот, каде што поради големата густина на населението инфраструктурните проблеми беа поголеми, а вложувањата се помали и помали. Чувството дека градската власт за граѓаните од едната страна стана мајка, а за тие од другата страна стана маќеа, најмногу се изрази со прескапиот проект „Скопје 2014“, кој  ги продлабочи поделбите во градот што почнав да не го препознавам веќе.

Скандалозни проекти

Не треба да си некој аналитичар и да ги разбереш многу работите за да дојдеш до заклучок дека Скопје тој период не ги сакаше сите свои „деца“ еднакво. Сѐ што треба да направиш е само да го преминеш Камениот мост од едната страна кон другата и сѐ ќе ти е јасно. Гневот на населението што живее во овој дел од градот стануваше сѐ повидлив, а тој гнев се забележува и ден-денес. Нелегални градби на секој агол, узурпирани јавни простори, занемарена хигиена, речиси невидливо зеленило, узурпирани тротоари со автомобили, непостоење велосипедска инфраструктура, диви депонии…, се само некои од проблемите што го спуштија нивото на квалитетот на живеењето во левата страна на градот. Овие проблеми секојдневно предизвикуваат гнев и намалена толеранција на граѓаните што живеат во тој дел, а и на тие што ќе поминат натаму во некој период од денот.

Гледајќи го овој хаос и следејќи го секојдневниот гнев на граѓаните, тогашната власт наместо да ги решава наталожените инфраструктурни проблеми, особено на левата страна на Вардар, тие решија со проектот „Скопје 2014“ да вложат стотици милиони евра во неколку квадратни метри во строгиот центар на градот. Се определија за скандалозни проекти како изградбата на таканаречената „Црква музеј“ на Калето и поставување на споменикот на „Цар Душан“ на мост што требаше да ги спојува скопјани, а не уште повеќе да ги оддалечи. Замислете само, наместо трошењето на милионските суми за изградба на партиски музеј со восочни фигури или наместо поставување споменик на „Филип Втори“ пред влезот на Старата чаршија, тогашната власт да имаше приоритет развивање на јавниот транспорт во градот или инвестирање во инфраструктура за пешаци и велосипедисти. Каде ли ќе бевме денес? За жал, приоритет беа проекти како градењето голем крст во Бутел, а граѓаните од тој дел на градот немаа ни елементарни сообраќајни стандарди.

Наместо да се развијат нови сообраќајни решенија и да се растовари булеварот кај Бит-пазар, тогашната власт реши во Бит-пазар да изградат неупотреблив мост, кој служи само за поставување билборди и ништо повеќе. Наместо да обновуваат и да прошируваат постојни зелени површини, тие решија во „Јаја-паша“ ги исечат најстарите дрвја. И денес се чудиме зошто граѓаните на Чаир, Гази Баба, Бутел, Шуто Оризари се незадоволни? Барокното Скопје и Скопје со провоцирачки споменици (како „Ќосето“ пред судот) не беше веќе моето Скопје, Скопје во кое јас пораснав!

Но, што е важно ако зборуваме само за проблеми, ако нема политичка волја за нивно решавање? Она што паѓа во очи последниве неколку години е фактот дека свесноста кај граѓаните од овој дел на градот конечно почнува да расте и тоа за прашања и теми што до вчера беа апсурдни. Веќе не зборуваме за тоа дали се инвестира и се работи во овој дел од градот, туку зборуваме за тоа колку се адекватни и квалитетни инвестициите. Веќе не зборуваме за тоа колку е апсурдно да нема патеки за велосипеди, туку зборуваме за квалитетот на велосипедските патеки. Веќе не протестираме против поставувањето згради на зелените површини, туку го креваме гласот за проблемите на граѓаните во врска со местата за паркирање. Дебатираме како да постигнеме договор. Зборуваме за тоа како да се решат проблемите со паркирањето и да се создаде соодветен простор за пешаци и велосипедисти.

Треба ли да го поздравиме фактот дека конечно има реални иницијативи за решавање на многу проблеми во овој дел од градот и дека конечно има рамнотежа помеѓу двата дела од реката Вардар? Верувам дека повеќето скопјани ќе одговорат да, иако има и такви што сакаат да ги затворат очите и да го игнорираат тоа што оваа градска администрација го направи изминативе години за да го поправи овој дел од градот. Да, секако има уште многу што да се направи, ама никој не може да го игнорира тоа што го стори оваа администрација и овој градоначалник за да се подигне квалитетот на животот во овој дел од градот.  Дали се доволни три-четири години за да се решат сите проблеми што ги има овој град, проблеми создавани со години? Секако не, бидејќи за да се решат долгорочните проблеми, потребни се години и години на работа.

Максимум зеленило

Јас лично се гордеам што сум дел од оваа градска администрација поради следниве работи. Во однос на инфраструктурата, речиси ниту еден пат (кој е под јурисдикција на Град Скопје) не е оставен недопрен. Зборувам за обновата на улицата покрај Бит-пазар, на улицата „Пластичарска“, улицата под Скопското Кале, како и на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, кој овозможи поврзување на Чаир – Бутел – Радишани директно со автопатот. Зборувам и за реконструкција на улиците „Македонско-косовска бригада“, „Индира Ганди“ во Шуто Оризари, на „Лазар Трпковски“ до маркетот „Принц“, на Џон Кенеди, на булевар „Босна и Херцеговина“, кој по квалитет може да се спореди со булеварот „Партизанска“. Сите овие реконструкции предвидуваат велосипедски патеки. Зборувам и за капитални инвестиции како мостот „АСНОМ“, кој ќе ја поврзе населбата Ново Лисиче со населбата Гази Баба, со што значително ќе се намали метежот што се прави на крстосницата кај „Мавровка“. Градската власт работи и на спојување на двете страни од градот преку нов мост во Карпош 4, а не се откажува ни од изградбата на тунелот под Калето како долгорочно решение за сообраќајно поврзување на „левата“ и „десната“ хемисфера на Скопје.

Исто така, воопшто не е за занемарување и фактот што имаме рекорден број зеленило во овој дел од градот и дека најголемиот зелен покрив во Скопје ќе биде на „Мавровка“. Зборувам и за дрворедот кај Бит-пазар и уредените пешачки патеки, што порано беше незамисливо. Ги имам предвид и зголемените буџети во културните институции и поголемиот број на културни проекти што ја промовираат културата и соживотот на Албанците, Македонците, Турците, Бошњаците, Ромите и другите заедници што живеат во овој дел од градот.

Благодарение на напорите на градската администрација, развојот на Скопје е порамномерен. Градот Скопје веќе не е за едните мајка, а за другите маќеа. И левата и десната хемисфера на Скопје треба да продолжат да се развиваат рамномерно, за да може мозокот на Македонија да функционира во интерес на сите граѓани на државата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести