7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Си играме ли држава?

Најчитани вести

Ако за три години не можеме да реконструираме три километри автопат, ни партерно да уредиме стотина метри квадратни, објаснувањето може да биде само едно – си играме држава.

Ќе… „Ќе“ е честичка за образување идно време, минато-идно време и идно прекажано време. Така е во македонскиот јазик, но во државава, честичката „Ќе“ е единица мерка за купување на време во политиката. Кај нас и не треба да се купи многу време, зошто секое чудо е за три дена. Па така честичката „Ќе“ го купува денот откако чудото ќе помине, односно четвртиот ден. Ова функционира многу лесно. На пример, кога ќе настане проблем, надлежниот за негово решавање се појавува пред медиумите и ја употребува оваа магична честичка за купување на време. Ќе направиме комисија, ќе составиме тим, ќе анализираме, ќе го решиме проблемот. Потоа честичката „Ќе“ без никој друг да мрдне со прст, си ја завршува работата. Бидејќи е единица мерка за купување на време, делува со помош на времето, па така кога ќе изминат оние три дена чудо и кога медиумите ќе се зафатат со некоја друга тема или проблем, претходниот проблем се заборава. Честичката „Ќе” си ја завршила работата. И така се до следниот проблем, кој никогаш не недостасува. Но, честичката „Ќе” не е само единица мерка за купување на време, туку е и политички дериват за купување на надеж. Не треба да се реши проблемот, туку само да се купи надеж кај граѓаните дека тој проблем ќе се реши. И ова функционира едноставно. Се купува надеж бесплатно сѐ додека не стане безнадежно, па тогаш, кога сѐ ќе стане безнадежно и кога апатијата ќе почне да царува, долгот направен за купување на надеж исчезнува и сѐ почнува да тече од почеток.

Режим против демократија

Автопатот Братство-Единство, опеан во песната „Срце на патот” од Јура Стублиќ и Филм, почнал да се трасира во далечната 1946 година, а една година потоа, започнала и градбата. Првата делница од Белград до Загреб во должина од 382 километри била отворена на 27 Јули 1950 година, односно околу 3 години по отпочнувањето на изградбата. Целиот пат во должина од 1.200 километри бил завршен во 1963 година. Во изградбата на првата делница од Белград до Загреб учествувале 250.000 младинци во рамки на тогаш популарната младинската работна акција (ОРА). Автопатот го градела младината на Југославија со помош на тогашната ЈНА и околу 14 илјади инженери, техничари и работници. Кутрите деца морале да работат во пепел, кал и прашина, по сонце и дожд. Режим, што ќе правиш. Сега во демократија е далеку полесно, а за волја на вистината и неспоредливо побавно. Овие младинци во режимот завршиле со изградба на 382 километри за 3 години. Нивните внуци, во демократија, не можат за 3 години да реконструираат 3 километри на делницата од Петровец до Катланово од истиот тој автопат Братство-Единство, денес познат под името Пријателство!

Како адвокат, често патувам, па веројатно еднаш неделно поминувам по тој пат. Не можам да се начудам како е можно после повеќе од 2 години откако е почната реконструкцијата, не само да не е завршена, туку скоро една години не сум видел ниту еден работник како работи на оваа делница. Ова страшно ме нервира и ме потсетува колку сме заостанале, односно застанале во времето и просторот. Изградба на 382 километри на нов автопат за три години од една страна, како репер поставен пред 72 години и неспособност за обична, едноставна, редовна реконструкција на истиот тој пат, денес во 21 век во услови на технолошки супериорни машини и технологии во споредба со тогашните. Па замислете да треба да реконструираме 100 километри! Ќе завршиме кога Џорџ, синот на Вилијам ќе биде крал. А можеби и не, доколку после повеќе десетици години реконструкција, се раскине договорот со изведувачот!

Не знам како ова ситуација на бескрајно долга реконструкција не ги нервира премиерот и министрите. Па не ли може да организираат еден состанок на кој ќе ги решат сите отворени прашања и потоа ќе ја следат реализацијата на договореното?! Па не ли им е незгодно кога поминуваат по тој пат?

Да ве потсетам, честичката „Ќе“ ја употребија во јуни оваа година, кога успешно го купија времето на заборавот. Еве и летната сезона заврши и повторно сите оние милиони туристи кои поминуваа по оваа делница, ни се чудеа како е можно и оваа трета година по ред се уште дел од делницата да е затворена и реконструкцијата да не е завршена. А јас познавајќи ги надлежните и особено нивната агилност, ќе си дозволам, со сигурност да потврдам дека и наредното лето делницава ќе биде исто така затворена за сообраќај бидејќи реконструкцијата сеуште „Ќе“ биде во тек.

Си играме држава

Ама ајде, ќе речете автопат е во прашање. Туку што е со она парче од стотина метри квадратни пред министерството за транспорт на плоштадот Филип Втори или како и да се вика сега? Повеќе од 5 години стои посипано со песок, спремно за бетонирање. Секогаш кога го носам синот во музичкото училиште Луј, поминувам оттука, го гледам ова заборавено парче во срцето на градот и не можам да се начудам како не му смета на овој и на претходниот министер кога мора да го помине ова мало несредено песокливо парче секој ден кога влегувајќи на работа треба да помине по една импровизирана патека. Па добро, ако сте против бетонизација, можевте барем трева да посадите!

Во меѓувреме, Данците и Германците го градат најдолгиот подводен тунел во светот. Ќе биде комбиниран, за воз и автомобили, во должина од 18 км, и со неговата изградба ќе се поврзат двете земји, при што времето за патување со воз помеѓу Хамбург и Копенхаген ќе се скрати за 2 часа, а камионите ќе скратат 160км и со тоа ќе го намалат загадувањето за 170kg/CO2 при секој извршен превоз на роба. Тунелот ќе биде изграден на 40 метри длабочина во Балтичкото Море, при што првата делница ќе биде готова во 2024 година, односно за 2 години, а целиот тунел, завршен и пуштен во употреба во 2029 година. Замислете нас да не ангажираат да им го направиме подводниот тунел! Ветувањето дека Ќе биде готов ќе имаме секоја година, а веројатно ќе го завршиме во 2829 година!

За 2 години дел од тунелот во кој ќе има автопат и пруга со две ленти, ќе биде изграден под вода, а ние не можеме на земја, да завршиме со обична, проста реконструкција на една лента од автопат во должина од 3 километри или да поплочиме или зазелениме стотина метри квадратни во центарот на главниот град. Ако за три години не можеме да реконструираме три километри автопат, ни партерно да уредиме стотина метри квадратни, објаснувањето може да биде само едно – си играме држава, а не сме.

Никола Тодоров

Извор: дв

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести