Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека земјите од Европската унија треба да престанат да преземаат чекори кои помагаат во ескалација на конфликтот во Украина.
„На состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија ќе побарам војната конечно да заврши“, изјави синоќа Сијарто во видеото објавено на социјалните мрежи.
Шефот на унгарската дипломатија рече дека сега е неопходно „да се заборават предлозите кои се закануваат со понатамошна ескалација на војната и да и се дозволи на Европа да се фокусира на мирот“.
Сијарто зборуваше и за заканите за глобалната економија кои ги носи конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, имено, како што наведе, енергетската криза, одливот на работна сила, недостигот на глобалниот пазар на храна, како и новите бранови на миграција.
„Треба да ги оставиме настрана предлозите кои водат до ескалација на војната и конечно да се фокусираме на создавање мир во светот“, рече Сијарто.