Традиционално со „Комитското“ синоќа во Битола започна 52. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието.
- Музиката, фолклорот и игрите, иако универзална цивилизациска категорија и дел од светското културно наследство, во исто време претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет на секој народ. Со тоа, тие стануваат вистинските амбасадори на културното богатство на својот народ. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, изјави Горан Мисовски, потпретседател на Собранието
Нашата вековна мудрост нė научи дека оној што ни задал низок удар веќе доволно се наведнал пред нас и се понижил и пред историјата и пред фактите, нагласи во својот говор министерката за култура.
– Ние песна не украдовме, ние песна подаривме. Ние оро не позајмивме, ние на оро повикуваме. На овој бел свет, верувам, не постои човек кој барем не слушнал колку е и „проста и строга“ македонската песна, колку е длабока македонската музика, колку е страствен, а тежок чекорот во македонското оро. И оттаму велиме,ако има некој што не ја знае и не ја разбрал нашата историја, нека ја запее нашата песна, нека го изигра нашето оро – тие ќе му кажат сė. Затоа, рече министерката Костадиновска Стојчевска, сцените на овој Фестивал нека побудат во сите нас топла и силна емоција и благодарност што можеме да уживаме во неа, рече Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура
Гости од Мексико, Колумбија, САД, Полска и десетици домашни ансамбли ќе го донесат националниот фолклор низ улиците на Битола.
- Битола повторно е место од каде се навраќаме на минатото, но испраќаме порака за заедништво, соработка и меѓусебно почитување на различностите, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
- Илинденски денови ги преплетува старото и новото, изворното и стилството, науката и рпеданието, се труди да едуцира и инспирира, изјави Маја Андоновска Илијевска, дитекторка на центар за култура.
Пред отворањето низ Широк Сокак се одржа традиционалното дефиле на кое се претставија сите учесници на фестивалот.