Жешка работничка есен по енормното зголемување на платите на функционерите и растот на цените.
Откако по одлуката на Уставниот суд сите избрани и именувани функционери си ги покачија платите за 78%, сега работниците кои плати добиваат од државниот буџет бараат и нивните плати да се зголемат.
Први кои најавија генерален штрајк од септември се вработените во судската администрација. Независниот синдикат бара покачување на платите од 30% и враќање на додатоците кои им се исплатија од март.
Неофицијално, Сител дознава дека и Синдикатот на УПОЗ, каде меѓу другите членуваат и од судските служби размислува за протести од септември. Но засега не се знае дали ќе излезат сите вработени во Управата или тоа ќе биде само судската администрација.
Жешка есен најавија и вработените во здравство. И тие бараат 30% повисока плата за сите, од хигиеничар до доктор.
– Ние како независен синдикат ќе се бориме за оваа категорија луѓе. Да се решат аномалиите од првата до четвртата работна група според работните односи. Првата група има поголема плата од четвртата група. Подобро е да го гаснеме оганот додека жари, а не кога ќе се направи пожар. Здравствените работници не може да ги преживеат денот и месецот, изјави Боби Бојчевски од Независен синдикат на здравствени работници.
Минатата недела протести за септември најави и Синдикатот на Клинички доколку здравствените власти не направат регулирање на платите кај илјадници здравствени работници чиј личен доход е под минималната плата.
Во моментот протестира и Македонската Информативна Агенција. За време на полчасовната пауза вработените протестираат пред просториите на Агенцијата. Новинарите и медиумските работници од државната агенција бараат зголемување на платите и порамнување на трошоците за живот. Според информации на Сител, утре треба да се одржи состанок на кој вработените се очекува да добијат информација дали нивната плата ќе се зголеми.
Претходно, кон крајот на минатиот месец 30% зголемување добија вработените во УЈП откако се заканија со генерален штрајк и блокирање на сите исплати во државата.