10.6 C
Skopje
Saturday, October 16, 2021

СЗО со нови насоки за аерозагадувањето, Македонија се мачи со старите

Најчитани вести

Силни докази за штетноста врз здравјето од загаден воздух објави СЗО, при што препорача земјите да ги намалат дозволените нивоа на аерозагадување. Македонија и натаму не успева да го одржи загадувањето на нивото според нејзиното домашно законодавство

Во Упатствата за подобрување на квалитетот на воздухот ажурирани прв пат по 16 години, СЗО препорачува нови ограничувања на нивото на загаден воздух и ги повикува нациите да се справат со аерозагадувањето за да спасат милиони животи. Лимитот за најштетните загадувачи како ситните честички од согорувањето на фосилни горива, СЗО препорачува да биде преполовен, а новите граници на азот диоксид што главно го испуштаат дизел моторите, да бидат намалени за 75 проценти.

Загадувањето на воздухот годишно убива по 7 милиони луѓе вели СЗО, наведувајќи дека новите граници се препорачани поради силните докази од изминатите години кои покажуваат дека смртоносна штета врз здравјето на луѓето може да биде предизвикана и од многу пониско загадување отколку што претходно се мислело.

„Загадувањето на воздухот е закана во сите земји, но најтешко се погодени луѓето во земјите со низок и среден приход“, вели директорот на СЗО Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус.

Македонија долго време е меѓу најзагадените земји во Европа, со концентрации неколкукратно повисоки од дозволените граници кои според домашното законодавство се значително над оние што ги препорачува СЗО. Проценките за земјава се дека загадениот воздух убива околу 3.000 луѓе годишно.

„Новите препораки се за доста добра заштита на јавното здравје од аерозагадувањето. Тие се построги од претходните препораки коишто ги имаше дадено Светската здравствена организација и се многу построги од законските обврски кои ги имаме ние, како и Европската унија од каде што ги имаме преземено“, вели Давор Пехчевски од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

Пехчевски вели дека не постои безбедно ниво на аерозагадување, посочувајќи дека нивоата ставени во законската рамка во Македонија се „далеку од достигнати“, а дека земјава посебно има проблем со ПМ честичките (ПМ10 и ПМ2,5), кои со години се над годишниот дозволен просек на изложеност врз ПМ честички.

„Ова сега што СЗО го даде како сигнал е дека треба земјите уште посериозно да работат со проблемот со аерозагадувањето, не само кај нас. Тоа е глобален проблем, но кај нас како земја која има проблем да ги достигне сегашните законски вредности значи дека треба мерките коишто ги преземаме веќе да стануваат екстремни за да обезбедиме максимална заштита на нашето население од штетните последици од аерозагадувањето“, вели Пехчевски.

Депонии со илјадници тони индустриски отпад, како линданот депониран среде главниот град Скопје, загадувањето со сулфур диоксид на термоелктраните РЕК Битола и РЕК Осломеј и нивните депонии од согорениот јаглен, загадување од другите големи фабрики за што државата нема прецизни податоци, се само дел од проблемите во земјава. Дополнително е загадувањето од сообраќајот и затоплувањето на домовоите во урбаните средини, прашината и штетните материи од градежните работи при урбанизацијата, емисиите од отпадот и заплените диви депонии… Мерните станици во земјава постојано покажуваат загадување над дозволеното.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com