Home » Се очекува поевтинување на лебот, зејтинот и млекото за 10%

Се очекува поевтинување на лебот, зејтинот и млекото за 10%

by Журнал.мк

Владата ќе ги поддржи производителите на масло, пекарски, млечни и мелнички производи, како и преработувачите на млеко, но можно е листата да се прошири и со компаниите од месната индустрија. Тие ќе плаќаат струја под 100 евра за мегават час, што е двојно помалку од цената на регулираниот пазар. Поради ова се очекува најпрво да се стабилизира пазарот, а потоа цената на лебот да се намали за околу 10 проценти.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, до крајот на денот стопанските комори треба да достават дополнителни предлози со кои би се проширила листата на компании за поддршка. До утре ќе се направат сите калкулации во однос на евентуалните финансиски импликации, по што ќе биде донесена и конкретната одлука.

Бектеши очекува поради намалувањето на цената на електричната енергија, компаниите од прехранбената индустрија да ги поевтинат производите. Доколку, пак, некој ја злоупотреби ситуацијата и домашните основни производи ги продава поскапо од увезените, не е исклучено, рече, Владата да донесе и мерка за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Според компаниите, поевтината струја за еден месец ќе овозможи стабилизирање на пазарот, по што може да се утврди намалувањето на цената на пекарските производи за околу 10 отсто.

-Во финалната цена на одреден производи влегуваат многу инпути, а еден од нив е и електричната енергија. Во делот на инпутот на електричната енергија, тоа што моментно го имаат ќе биде двојно пониско и согласно таа формулација ќе бидат намалени најверојатно и цените на основните производи. Очекуваме до крајот на денот дополнителни предлози од стопанските комори за да се надополни листата. До утре ќе се напарават сите калкулации во делот на финансиските импликации. Можно е да бидат вклучени и преработувачите на месо и месни производи, но тоа веројатно ќе се знае утре, кога се очекува Владата да донесе одлука по направените анализи за потрошувачката и евентуалните финансиски импликации. Компаниите ќе плаќаат под 100 евра за мегават час, односно двојно пониска цена од онаа на регулираниот или речиси тројно пониска од онаа на отворениот пазар, информира Бектеши по средбата со претставниците од пекарската индустрија.

Според него, до крајот на април ќе се намалат оперативните трошоци на компаниите.

-Со тоа, секако,компаниите ќе можат да направат дополнителни калкулации во одредувањето на цените на производите. На ист начин, речиси слични одлуки, веќе се подготвени во соработка со ЕСМ и со другите енергетски компании, како и со институциите, посебно со Централен регистар, рече министерот.

На прашањето дали и натаму домашното млеко ќе биде поскапо од увезеното, Бектеши одговори дека Владата за ова има соодветни механизми.

-Мислам дека нема да биде поскапо. Владата има механизми, ако тоа се злоупотребува може директно да донесеме некои одлуки согласно кризата за замрзнување на цените одредени прехранбени производи, истакна Бектеши.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски објасни дека по плаќањето поевтина струја, најпрво ќе следува стабилизација на пазарот па дури потоа ќе може да се каже за колку ќе поевтинат основните производи. За ова, потенцира Ѓорѓиевски, е неопходен сублимат од повеќе чекори, но и овој првиот, истакна, е многу значаен.

-Таа стабилизација се надевам дека ќе трае околу еден месец. Ќе се види конкурентски како тоа ќе делува врз производителите по што може да се утврди дека за отприлика десетина проценти може да се спушти цената на основните производи, конкретно кај нас во пекарската индустрија. За поголемо намалување, потребни се други чекори, потребен е сублимат од повеќе чекори. Но, и овој првиот е многу важен, сериозен и квалитетен исчекор напред од страна на државата зашто ќе добиеме пониска цена на електричната енергија, а тоа ќе овозможи и ќе придонесе да се намалат цените на основните прехранбени производи и да бидат многу поприфатливи за потрошувачите. Покрај овој добар, сериозен исчекор, ние понатаму би очекувале и други соодветни исчекори кои уште повеќе би придонеле цената на основните производи да се спушти на уште пониско, посоодветно ниво. Ова е добар, квалитетен исчекор и се надевам дека ќе биде почеток на други со кои ќе се заокружи овој процес за обезбедување уште подобри цени, рече Ѓорѓиевски.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More